ГАЛЕРИЈА: „Нокаут“ и „Дивље јагоде“ за големото финале на S.O.S. фестивал во Битола

Вчеравечер на Ракометно игралиште се одржа големото финале на второто издание на S.O.S. фестивалот. Финалето на фестивалот кој започна на 20 август а заврши синоќа, се отвори со сет на диџеј Chiko а по него следуваа „Нокаут“. Хедлајнери на фестивалот оваа година беа легендарните „Дивље јагоде“.

Македонската група „Нокаут“, која повеќе од две децении е меѓу водечките имиња на домашната поп-рок сцена, со препознатливата харизма на фронтменот Никола Перевски – Пере и познатите рефрени , веднаш ја загреаа атмосферата. Со што уште еднаш ја потврдија својата позиција како еден од најсилните концертни бендови во Македонија.

Последниот концерт од вечерта донесе вистинска експлозија на енергија. На сцената се појавија хард-рок пионерите од регионот – „Дивље јагоде“. Нивниот гитарист и основач Сеад Липовача, уште со првите рифови ги врати присутните во златните времиња на југословенскиот рок. Со моќните вокали на Ливио Берак и оригиналниот пејач Тони Јанковиќ, публиката скандираше, со рацете во воздух, пеејќи ги „Motori“, „Marija“, „Kap po Kap“ „Jedina“ и други безвременски класики. Покрај препознатливите хитови на сет листата се најдоа песни од сите тринаесет албуми на групата а Зеле изведе и инструментална верзија на „Македонско девојче“.

Дел од програмата во изминатите денови пред големото финале беа DJ Goce Saf со свој vinyl сет, Тони Зен со DJ Boogiemen и DJ Mawrteen кои приредија урбан afterwork gathering со Street Soul Delight со r’n’b и soul селекција во попладневниот битолски ритам. Електронската сцена ја претставуваа DJ Галоски, и DJ Acika. А DJ Cvare понуди селекција на грувови и алтернативни ритмови.

Фото: Леонид Ташовски