Екипата на „Диџеј Ахмет“ на црвениот тепих на Сараевскиот филмски фестивал

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“, дебитанското долгометражно остварување на режисерот Георги М. Унковски ја имаше својата регионална премиера на Саревскиот филмски фестивал.

Филмот е дел од главната натпреварувачка програма а по повод синоќешната премиера, екипата на филмот беше на црвениот тепих на фестивалот.

Режисерот Георги М. Унковски, продуцентот Иван Унковски и актерите Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Aксел Мехмет, Дора Акан Златанова беа дел од екипата која традиционално за фестивалот по црвениот тепих ги потпишуваа своите фотографии во холот на Сараевското народно позориште.

„Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од забито јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг. Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија.

Својата македонска премиера ќе ја има на затворањето на овогодинешниот „Браќа Манаки“ на 26-ти септември.