Откупени светските права: „Сиљан“ на Тамара Котевска се смета за кандидат за Оскар?

Лондонскиот дистрибутер Dogwoof ги откупи светските права за интернационална продажба на „Сиљан“ (The Tale of Silyan), најновиот документарец на Тамара Котевска.

По успехот на „Медена земја“, ова е нивна втора соработка, а вклучувањето на Dogwoof е силен индикатор дека филмот се смета за кандидат за Оскар. „Сиљан“ ќе има светска премиера во Венеција 2025 во селекцијата Out of Competition, а потоа и северноамериканската премиера во Торонто, во официјалната натпреварувачка програма.

Се работи за компанија за документарни филмови со седиште во Лондон која интегрира продукција, продажба и кино дистрибуција. До денес, насловите на „Догвуф“ изнесуваат 37 документарци номинирани за Оскар, вклучувајќи седум добитници, заедно со пет филмови наградени со БАФТА. Вклучувајќи ги Оскаровците од 2019, 2023, 2024 и 2025 година: „No Other Land“, „20 Days in Mariupol“, „Navalny“ и „Free Solo“.

Музиката на филмот ја создадоа Joe Wilson Davies и Hun Oukpark од студиото на Hans Zimmer, носејќи длабоко емотивна и слоевита звучна палета која го надополнува наративот.

„Сиљан“ раскажува бајковита, но реална приказна инспирирана од македонскиот фолклор од 17 век. Филмот го следи земјоделецот Никола, кој по земјоделската криза останува сам, и бел штрк со повредено крило што го наоѓа на депонија. Тие формираат неверојатна врска, огледало за човечките судбини и за насоката на општеството. Како што вели Котевска, „во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто“.

Филмот е копродукција на Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop и продуцентите Тамара Котевска, Jean Dakar, Јорданчо Петковски и Anna Hashmi.

Авторскиот и креативен тим го сочинуваат режисерка и продуцентка Тамара Котевска, кинематографот Jean Dakar, монтажерот Мартин Иванов, со музика од Joe Wilson Davies и Hun Oukpark, студио за тонска обработка PROTA, колор корекција GHABHA Studios и консултанти за наратив Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz. Oli Harbottle од Dogwoof заклучува дека станува збор за „кинематски дијамант – магична документарна бајка што ќе ги остави без здив гледачите ширум светот“.

Иако Тамара Котевска не аплицираше за финансиска поддршка од Агенцијата за филм на РСМ за реализацијата на овој проект, Агенцијата ќе го следи успехот на „Сиљан“ со голема радост и гордост, препознавајќи ја меѓународната вредност на филмот и значењето на Котевската како амбасадорка на македонската документаристика во светот.