„Битолскиот клавир Петко“ – Првата детска сликовница за Битола

Во рамките на културниот настан „Бит Фест“, во книжарницата Book’s House се одржа промоцијата на сликовницата „Битолскиот клавир Петко“ од авторката Елена Наумовски – Нена, со илустрации на Мирјана Бубевска. Настанот се одвиваше во волшебна атмосфера и предизвика огромен интерес кај публиката. Целиот прв тираж на книгата беше распродаден уште за време на промоцијата, а веќе се печати ново издание кое наскоро ќе биде достапно во книжарата Book’s House.

Во своето обраќање, авторката изјави: „Клавирот Петко е упорен – па и кога пропаѓа на дното од морето, повторно сака да свири. Во тоа ја гледам поврзаноста на Петко со Битола. На Битола и јас. Упорни сме и колку и да сме на дното, јас и Битола веруваме во чуда. Го сакам овој град и ова нека биде апел во име на сите македонски автори, театарџии, актери, филмаџии, уметници – Отворете ни ја вратата и слушнете не! “

Бубевска и Наумовски најавија и идни проекти: нови детски приказни поврзани со локалната култура, а и детки сликовници кои ќе зборуваат за културата, историјата, легендите и традицијата во останатите градови низ нашата земја, персонализирани сликовници, како и мала театарска и филмска школа за деца.

„Барајте ја љубовта во децата. Таму најискрено се живее!“ – додаде авторката.

Со „Битолскиот клавир Петко“ започнува едно ново поглавје во современата македонска детска литература, кое го спојува автентичното битолско наследство со свежа авторска визија.