Бабец театар со „Бременските музиканти“ ќе учествува на Лименка Театар Фест во Крушевац

Бабец театар ја започнува сезоната 2025/2026 година со учество на претставата „Бременските музиканти“ на Лименка Театар Фест во Србија. Оваа година фестивалот се одржува во градот Крушевац од 3 до 7 септември на сцените на Крушевачко позориште.

„Бременските музиканти“ е на програмата на 4 септември од 11 часот. Влезницата е 1 ALU COIN – еколошката валута на фестивалот. Претставата е во режија на Васко Мавровски а играат: Јулијана Мирчевска, Петар Спировски, Николче Пројчевски, Катерина Аневска Дранговска и Живко Борисовски.

Лименка Театар Фест на уникатен начин ги комбинира екологијата и културата, а театарските сцени и фестивалските места стануваат единственото место на планетата каде што можете да присуствувате на театарски претстави за празни лименки, со јасно пренесени пораки за заштита на животната средина. Фестивалот произлезе од настанот „Лименкица – улазница“, во својата тринаесетта година, како единствен фестивал во светот кој иновативно ги комбинира театарската уметност и едукацијата на децата и младите за заштита на животната средина и рециклирањето. Фестивалот досега се одржуваше во Нови Сад, европска престолнина на културата 2022 година, а потоа во Сомбор и во Кикинда.