Долгометражниот документарец „Treći svijet“ од Арсен Оремовиќ премиерно беше прикажан синоќа на Сараевскиот филмски фестивал, собирајќи ги сите членови на легендарниот бенд од почетокот на 80-тите: Дарко Рундек, Срѓан Захер, Дамир Прица-Капри, Зоран Зајец-Жекса и Срѓан Гулиќ-Гул. Филмот се натпреварува со уште 11 други дела за наградата „Срцето на Сараево“ во категоријата за најдобар документарец.
„Treći svijet“ е филм кој зборува за „Хаустор“ – легендарниот загрепски бенд кој ја обликуваше музичката сцена на поранешна Југославија. Но, уште повеќе, тоа е филмска медитација за односот помеѓу двајцата контрадикторни креативци кои го создадоа бендот: Дарко Рундек и Срѓан Захер.
За време на светската премиера, Оремовиќ изјави дека не било лесно бидејќи меѓу двајцата музичари, со почитта што ја имаат еден кон друг, сè уште постои јасно разбирање за тоа што ги разделува, но кога повторно се најдоа во студиото, многу брзо „кликнаа“ и продолжија како да свиреле заедно континуирано сите изминати години.
Како што рече по премиерата, негова главна цел беше да ја претстави поетиката на креативноста на клучните луѓе на „Хаустор“. „Тоа беше навистина посебен бенд, па им понудив дека не треба да биде биографски филм, туку да се види што ги обликувало“, нагласи тој.
Филмот „Treći svijet“ не е само биографски портрет или носталгично сеќавање, туку мозаик од спротивности што се споија благодарение на магијата на секојдневниот живот и Загреб што ги обликуваше, чиј дух, контрасти и слики се прекршуваат низ естетиката на „Хаустор“. Преку искрени разговори, проницливи набљудувања, раскошна архива и, можеби најважно, новото студиско обединување на бендот по четириесет години за снимање на преработка на песната „Treći svijet“, филмот оживува време кога истоимениот албум (1984) беше дочекан со неразбирање, а сега се смета за еден од најзначајните поп-рок албуми на поранешна Југославија.
Она што започна како реставрација на изгубена снимка од даб верзијата на гореспоменатата песна се претвори во документ за креативниот процес, откако членовите на бендот се собраа во студиото речиси четири децении подоцна. Така, беше создадена сосема нова верзија на песната – дијалог помеѓу „Хаустор“ тогаш и сега.
„Treći svijet“ не е само документ за бендот – тој е и слика за луѓето, градот и идејата дека креативноста е често најдобриот начин да се направи реалноста поднослива и чудесна. Таа магија на секојдневниот живот ги спои двајца уметници, два лика од два различни делови на градот и овие два различни света го создадоа – третиот.