Господски концерт: Хераклеја љубеше во гласот на Владо Георгиев

По шест години пауза, Владо Георгиев одржа уште еден Господски концерт во Хераклеја. Во репертоарот на Георгиев се најдоа безвременските мелодии и стихови кои веднаш ги разбудија чувствата на публиката: „Анџелe“, „Једина“, „Све си ми ти“, „Збогом љубави“, „Искрено“, „Жена без имена“ и уште многу други, кои му обезбедија речиси тричасовно музичко патување полно со романтика и добро расположение. А Владо во својот репертоар на вечерта ги внесе и неговата омилена македонска песна „Елено, ќерко Елено“, која му ја посвети на ќерка си Елена и градската химна „Битола, мој роден крај“.

Владо не штедеше при залагањето – шармот и комуникативноста беа во прв план, а публиката, особено женската, го прегрна секој рефрен со еуфорија и пееше рамо до рамо со него, а размената на добра енергија помеѓу исполнетиот амфитеатар и сцената беше опиплива. Романтичар по душа, тој се дружеше со публиката како стар пријател, создавајќи интимна, но силно емотивна вечер.

Врвната продукција и организација единствено му помогна на целата оваа љубовна приказна да оживее во полна магија. Со софистицирани светла и звук, кои не доминираа туку само ја потенцираа природната топлина на песните и врската помеѓу Владо и публиката.