Александра Радовиќ ќе биде специјален гостин на трибјут концерт за Тоше во Штип

На 21 август од 21 часот, на летната сцена на Домот на млади во Штип ќе се одржи концерт посветен на Тоше Проески. Ќе настапат Дани Димитровска, Антониа Гиговска, Бени и „Нон стоп“, Мартинијан Кириловски, Огнен Здравковски, Зоран Илиев, Марија Данева, Мики Секуловски, Лили Чили, дуо „Брајт“, Андријана Петрушовска, Наташа Малинкова, Вики и Мана и „Д Хаундс“. А специјален гостин ќе биде српската поп-пејачка Александра Радовиќ. Пред нив од 20 часот настапуваат дечињата од детскиот фестивал „Весело штурче’, кои во хор ќе пеат песни од Тоше.

Претходно истиот ден, од 10 до 16 часот во Домот на млади ќе се одржи и крводарителската акција „Биди хуман како Тоше”. А дел од приходите ќе бидат наменети за реконструкција на улицата „Тодор Проески“ во Крушево.

„Ја продолжуваме хуманата мисија на Тоше. Секој крводарител ќе добие влезница за концертот и пакет производи од нашите пријатели.“ – велат организаторите.

Влезниците се продаваат по цена од 300 денари, а на денот на концертот по 400 денари.

Покрај овој настап, Александра, на 20 август ќе настапи во Скопје а на 22 август во Битола.