Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски ќе ја има својата регионална премиера во главната натпреварувачка програма на Сараевскиот филмки фестивал.
Елма Татарагиќ, селектор на Натпреварувачката програма – долгометражен филм, вклучи 9 филмови во програмата, од кои три филма ќе имаат светска премиера, а шест филма ќе имаат регионална премиера во конкуренцијата за награди.
„Со девет исклучителни филмови, овогодинешниот натпревар за долгометражни филмови на Сараевскиот филмски фестивал претставува импресивна и разновидна панорама на современото регионално кино. Програмата е динамична мешавина од смела нарација, визуелна иновација и свежи перспективи што го одразуваат богатството на културниот таписериј на регионот. Истакнувајќи го новиот бран филмски творци, програмата вклучува шест дебитантски филмови што носат оригинални гласови и смели креативни пристапи на големото платно. Од интимни лични приказни до општествено релевантни драми, селекцијата успева да ја прикаже сложеноста и виталноста на денешната филмска сцена, ветувајќи ѝ на публиката импресивно патување низ разновидни стилови, теми и искуства. Овогодинешниот натпревар за долгометражни филмови не е само прослава на веќе етаблирани таленти, туку и платформа за нови уметници подготвени да ја обликуваат иднината на балканската и југоисточноевропската кинематографија“, рече Татарагиќ за селекцијата.
- Видра, Срѓан Вулетиќ (Црна Гора, Босна и Херцеговина, Италија, Хрватска, Косово*, 2025, 88 мин.) – светска премиера
- ЈУГО ФЛОРИДА, Владимир Тагиќ (Србија, Бугарија, Франција, Хрватска, Црна Гора, 2025, 112 мин.) – светска премиера
- МАЛНИ ЅВЕЗДИ / MINDEN CSILLAG, Ренато Олаш (Унгарија, 2025, 83 мин.) – светска премиера
- БЕЛ ПОЛЖАВ, Елса Кремзер, Левин Петер (Австрија, Германија, 2025, 115 мин.) – регионална премиера
- БОГ НЕМА ДА ПОМОГНЕ, Хана Јушиќ (Хрватска, Италија, Романија, Грција, Франција, Словенија, 2025, 135 мин.) – регионална премиера
- Диџеј Ахмет, Георги М. Унковски (Северна Македонија, Чешка, Србија, Хрватска, 2025, 99 мин.) – регионална премиера
- ФАНТАЗИЈА, Кукла (Словенија, Северна Македонија, 2025, 98 мин.) – регионална премиера
- SORELLA DI CLAUSURA, Ивана Младеновиќ (Романија, Србија, Италија, Шпанија, 2025, 103 мин.) – регионална премиера
- ВЕТРУ, ЗБОРУВАЈ СО МЕНЕ, Стефан Ѓорѓевиќ (Србија, Словенија, Хрватска, 2025, 100 мин.) – регионална премиера
Наградите „Срце на Сараево“ во оваа програма се и парични па така: со 16.000 евра ќе биде награден Најдобриот игран филм, со 10.000 евра најдобриот режисер а Најдобриот актер и актерка со по 2.500 евра.
Во натпреварувачките програми на 31-от Сараевски филмски фестивал се натпреваруваат 50 филмови за наградите „Срцето на Сараево“, додека еден филм ќе биде прикажан надвор од конкуренција. Во четирите натпреварувачки селекции – долгометражен, документарен, краток и студентски филм – 15 филмови ќе имаат светска премиера, 6 меѓународни, 28 регионални и 2 босански премиери.
Оваа година, селекцискиот тим предводен од Изета Граѓевиќ, креативен директор на Сараевскиот филмски фестивал, погледна 1.036 филмови: 195 долгометражни играни филмови, 291 документарец и 550 кратки и студентски филмови.
„Натпреварувачките програми на овогодинешниот 31-ви Сараевски филмски фестивал ги здружуваат авторите кои, секој од своја перспектива и во различни филмски формати и жанрови, истражуваат како живееме и преживуваме во сложени и нестабилни општествени рамки. Основата на овогодинешните натпреварувачки програми се филмови кои, надминувајќи ги националните граници, остануваат верни на универзалните приказни што ги обликуваат нашите животи. Во овој опсег – од теми што се занимаваат со сегашноста до оние што го доведуваат во прашање минатото – овој избор ни отвора простор, преку филмските приказни, да се потсетиме на она што сите го имаме заедничко: потребата за значење, за блискост, за разбирање – себеси и другите“, рече Граѓевиќ.