Режисерката на „Медена земја“ снима филм за кинескиот автопат во Штип

Во штипското село Три Чешми деновиве се снима новиот македонски филм „Човек против јато“. Филмскиот сет денес го посетија Министерот за култура и туризам Зоран Љутков заедно со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и директорот на Агенција за филм, Сашко Мицевски.

Се работи за дебитантскиот долгометражен игран филм „Човек против јато“, по сценарио и во режија на нашата режисерка со две номинации за Оскар и добитничка на награди на престижниот фестивал Санденс, Тамара Котевска.

„За мене лично овие предели се доста инспиративни, ова е трет филм кој го снимам во оваа област. И Беќирлија е тука преку ридот. Секој пат кога се наоѓам овде за мене е посебна магија, природно, спонтано излезе да ја најдеме локацијата тука. Сценариото почнав да го пишувам пред шест години. Уште пред „Медена земја“. “ – вели Котевска.

Филмот освен во Штип се снима уште на две локации во Скопје и Велес. А режисерката Котевска информираше и дека „Човек против јато“ е филм кој го прикажува конфликтот помеѓу традицијата и модернизацијата, отпорот и прифаќањето на промените и прашањето што навистина значи да го сочуваш својот идентитет во свет што е подготвен да продаде сè во име на профит. Филмот е работен по вистинска случка за едно семејство кое е со различни мислења за изградбата на кинескиот автопат наречен по компанијата која го градеше, „Синохидро“ од Кина. И тоа едни членови на семејството се против изградбата а другите работат на изградбата на истиот. Самото село во кое се снима филмот е последната клучка на автопатот Штип-Миладиновци.

Во главните улоги настапуваат Кирил Андоновски, Верица Недеска, Лола Трендафиловиќ, Горан Богдан, како и актери од Македонија, Хрватска, Германија, Холандија и Бугарија.

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм и Министерството за култура и туризам заедно со филмските центри на Грција, Србија, Хрватска,Турција, Црна Гора и најголемиот европски фонд Еуроимаж.