Роџер Санчез главна ѕвезда на одбележувањето на 70 години од постоењето на Општина Кисела Вода

Под мотото „Сè на свое место“, Општина Кисела Вода ќе го одбележи 70 години од своето постоење со разновидна, содржајна и квалитетна програма,, креирана да допре до сите генерации. Годинава на програмата има изведувачи кои ќе настапат на три сцени: на платото пред салата „Расадник“, во Драчево кај крстот и во паркот „Македонија“ а ќе понудат разновидна програма за сите возрасти, за сите жители на Кисела Вода и за сите скопјани, како и од останатите градови низ земјава.

Несомнено главна атракција на програмата ќе биде Роџер Санчез, добитник на Греми, диџеј кој ги полни најголемите клубови и фестивали во светот. 

„Она што ќе биде врв на забавата е присуството на легендата на хаус-сцената, добитник на „Греми“ и еден од водечките светски артисти и продуценти, Роџер Санчез, со кого ќе започне четиридневното одбележување. Ексклузивниот настап ќе се одржи в четврток, со почеток во 20:30 часот, во салата „Расадник“ за кој, како што најави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ќе има организиран превоз и од соседните држави Бугарија и Србија.

Атмосферата пред Санчез од 20:30 часот ќе загреваат диџеите Мац, Ампов и Деан Мицкоски.

Наредниот ден, петок, на крстот во Драчево, од 20:30 до 21:00 часот, посетителите ќе може да го проследат настапот на КУД „Китка“, потоа ќе следува забава со: Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Огнен Здравковски и Бојана Скендеровски, а на крај свој настап ќе има Каролина Гочева, кој ќе започне во 22:30 часот.

Дуото „Некст тајм“ ќе ги забавуваат посетителите в сабота, на платото пред салата „Расадник“, со почеток во 20:30 часот, а по него ќе настапат „Два бона“ и Слаткар. Недела, е предвиден како семеен ден, кога во 10:30 часот ќе започнат активностите на платото пред салата „Расадник“, а прославата ќе се заокружи со доза смеење, која ќе ја обезбедат стендап комичарите Бојан Велевски и Марјан Ѓорѓиевски, во 20:30 часот, а по нив ќе биде настапот на „Tea & 2EXIT“.

Низ настаните ќе водат четворица водители: Миро Кацаров, Сашко Коцев, актерката Драгана Левенска и водителката Верица Донев.

„Се потрудивме секој да си го најде своето место. Секој може да си избере настан што најмногу му одговара. Акцентот, во најголем дел, ќе биде ставен на македонските музичари, со исклучок на настапот на Роџер Санчез. Ова, како пример, треба да го следат и другите општини.“ – наведе Ѓорѓиевски.