Стјепан Хаусер објави нов сингл, интерпретација на култната музичка тема од серијата „Mission:Impossible“ од композиторот Лал Шифрин. Оваа преработка ќе биде вклучена во неговиот долгоочекуван албум „CINEMA“, кој ќе биде објавен на 12 септември од Sony Music Masterworks/Menart. Синглот е придружен со возбудливо видео кое ја комбинира акцијата во стилот на Том Круз со разиграната енергија препознатлива за филмот „Mission: Impossible“.
Албумот „CINEMA“ е импресивен омаж кон најпознатите филмски мелодии, собирајќи 25 композиции снимени со престижниот Лондонски симфониски оркестар под диригентската палка на Роберт Зиглер. Низ широк опсег на филмската историја, Хаусер ги реинтерпретира класиците како што се „Tara’s Theme“ од филмот „Gone with the Wind“ и современата меланхолија „What Was I Made For“ од Били Ајлиш од филмот „Barbie“, нагласувајќи го раскошот и интимноста на филмската музика.
„Некои од овие композиции се скриени бисери. Можеби не се веднаш препознатливи за секого, но верувам дека ќе станат нови омилени за многумина кога ќе се слушнат низ призмата на виолончелото“, забележа Хаузср.
Иако претходно работел на филмска музика како дел од дуото 2CELLOS на албумот „Score“, „CINEMA“ е неговиот прв соло проект посветен на овој жанр.