Српски филм со Благој Веселинов ќе се прикажува на HBO и Amazon Prime

По многу успешнoто кино-прикажување на „Мегдан: Помеѓу водата и огнот“, со повеќе од 100.000 гледачи низ целиот регион, дебитантскиот филм на Алекса Балашевиќ го пронајде својот пат до светската сцена и ќе биде достапен на HBO платформите за гледачи низ цела Европа пред почетокот на есента, како и на Amazon Prime за пазарите во САД и Велика Британија.

Се работи за моќна спортска драма за поранешен спортист кој, соочен со притисоците на неговата околина и реалноста на балканското општество, се обидува да најде смисла и љубов. Во филмот игра и македонскиот актер Благој Веселинов а останатите улоги ги толкуваат: Виктор Савиќ, Енис Бешлагиќ, Војин Четковиќ, Нина Сеничар, Александар Радојичиќ, Петар Божовиќ, Јована Балашевиќ и многу други.

Продуцентот и сценарист Алекса Балашевиќ им честиташе на целиот тим што работеше на филмот, кој целиот свет сега ќе има можност да го гледа на најголемите филмски платформи во светот.

„Не би бил толку среќен ако ова не беше мојот прв филм! Знаевме дека ќе направиме нешто толку големо уште првиот ден кога изнајмивме камери и опрема и го закажавме првиот ден од снимањето. И покрај сите пречки со кои се соочивме, ова е заслужена победа и огромен успех не само за нашата продукција, туку и за целата филмска индустрија во регионот… И најмногу ми е мило што целата планета ќе го види нашиот филм за прв пат, кој е снимен во Молдавија, како и во мојот роден град Нови Сад, кој заслужува светско внимание поради својата уникатност“, рече продуцентот и сценарист Алекса Балашевиќ.