Музичарите од „Whitesnake“ со ексклузивен концерт во српски Заeчар

Членови на култниот рок состав „Whitesnake“ ќе настапат на 58-от Фестивал на гитара во Заeчар, Србија кој ќе се одржи од 28 до 30 август на локалитетот Краљевица.

На првата фестивалска прес конференцијата беа гости Марко Мендоза и Дино Јелушиќ, кои најавија ексклузивен настап на составот „Whitesnake Experience By The Members Of Whitesnake“ – проект специјално создаден за Фестивалот на гитара во Заечар. Тоа ќе биде единствениот концерт во светот на кој ќе настапат членовите на легендарниот бенд „Whitesnake“ – тапанарот Томи Олдрич, гитаристот Џоел Хоекстра, басистот Марко Мендоза, клавијатуристката Микеле Лупи и сè попопуларниот хрватски пејач Дино Јелушиќ.

Марко Мендоза нагласи дека одлучиле единствениот концерт во светот да го одржат во Србија и Заечар, бидејќи отсекогаш биле добредојдени во оваа земја и имале распродадени концерти во Белград.

„Традицијата и квалитетот ни се многу важни, а Гитаријада постои веќе 58 години и тоа е нешто што мора да го почитувате и цените. Вашата публика е една од најдобрите во светот и верувам дека ќе уживаат во овој настап заедно со нас.“ – вели Мендоза.

„Подготвуваме специјална сет листа од најголемите хитови на Whitesnake. Пеењето на песните на мојот идол од детството, Дејвид Ковердејл, е посебна чест и задоволство за мене. Иако, во меѓувреме, настапував со големи имиња од светот на рокот, песните на „Whitesnake“ се оние што ми се допаѓаат најмногу и свирењето со толку фасцинантен тим музичари е чист хедонизам за мене.“ – вели Јелушиќ.

Еден од најголемите рок пејачи во светот, Дејвид Ковердејл, им даде дозвола на своите членови за овој проект, што дава посебна ексклузивност на Гитаријадата, па затоа се очекува голем број посетители од земјата и регионот.

На досега објавената програма се и настапи на „Рибља чорба“, „Кербер“ и „С.А.Р.С.“.