Промовиран вториот винил на „Суперхикс“

Вчера во Скопје се случи слушачка промоција на винилот за последниот албум на групата „Суперхикс“ насловен како „Сила и Нервоза“. Бендот кој оваа година слави 31 година активна работа до крајот на годината ќе добие и своја биографска книга.

„Албумот се снимаше во периодот од 2020 до 2024, парцијално, чекор по чекор, евро по евро. Бурето на омотот е буре што ќе експлодира, а тоа сме ние.“ – истакна фронтменот Петар Младеновски.

Ова е второ винилно издание на „Суперхикс“ по она од 2017 година за „Андерграунд Евергринс“ а истото е во издание на Корпус Деликти и Кичма Рекордс и ќе може да се најде на неколку локации. Токму Корпус Деликти и нивниот основач Тошо Филиповски подготуваат биографска книга за „Суперхикс“.

„Она што сакам да го најавам е дека подготвувам нова книга, која ќе излезе кон крајот на годинава, а тоа е биографија за ‘Суперхикс’, бенд кој по 30 години заслужува да има една книжевна форма на целата кариера. Тоа е мој завет кон нив, моја благодарност, да го ставиме во книга за сите генерации она што за 31 година го направиле, а сум бил сведок на буквално сѐ што работеле.“ – рече Филиповски.

Албумот е сниман и миксуван во студиото Тра Ла Ла на продуцентот Мите Димовски, а винилното издание е во ограничен тираж од 200 примероци.

По промоцијата бендот заминува на кратка летна турнеја која започнува оваа сабота со настап во Виница по која следуваат и датуми во Бугарија, Дојран и други.

Бендот оваа година прослави 31 година активна работа.