РЕЦЕНЗИЈА: „Којзнае зошто?“ – Смртта станува визија

Монодрамата „Којзнае зошто?“ на актерот Ане Блажовски а во режија на Дамјан Читкушев се изведе во рамки на овогодинешното 26-то издание на Интернационалниот фестивал на монодрама – Битола.

Иако Достоевски при претставувањето на своите ликови знае да делува млако и неутрално, па дури и книжевноста да ја користи како лабораторија за експерименти, исти профили на луѓе спроведени во различни и конкретни ситуации, монодрамата “Којзнае зошто?” беше редок примерок за тоа како, во најголема мера, крајот го краси делото.

Монодрамата следи лик на кого му е сеедно, синоним за депресивна состојба, исплашен дека не чувствува, а од друга страна чувствува недоволно силно за едно човечко битие. По принцип на Буридановото магаре, ваквата амбивалентност го држи во живот, наведнат над работ на самоубиството. Овој сложен и динамичен лик со мисли што се завртуваат навнатре го дисецираат без употреба на скалпел или инструмент, само со острилото на личноста, што како амблем се јавува преку сонот– кралскиот пат кон несвесното.

Тој доживува екстаза на транседенција, патува низ астралните димензии на свет што е нерасипан од луѓето, утопија или рај. Таму сѐ е полесно и полезно. Текстот го надразнува гледачот и опфаќа прашања за слободата, вината, постоењето на Бога, за моралот и суштината на постоењето.

Ане Блажовски со полн погон го оживеа зомбито на сцената, му даде слика и тон, па дури и амбиција да го подигне од бездната и да отслика досто(евск){јн}о како одново да го раѓа книжевниот ентузијазам на Достоевски. Ги исцрпи резервите на хиперактивен и ум збудален од идеите и филозофските синтагми за неодминливото “да се биде или не?”, потоа стана и судија и поротник, жртва и насилник, но пред сѐ потпорна греда помеѓу рационалното и лудилото.

Иако овој лик ги носи сите карактеристики на Мишкин, Карамазови, на Раскољников, тој е прототип на ликовите во чие развивање и раслојување Достоевски уживал – како растат во потрагата по смислата на животот и како се снаоѓаат во општество што нема намера да ги помилува без да го земе во обѕир нивното оправдување.

Внатрешните дијалози на Блажевски со налудничавиот, заскитан поглед, гласовната модулација и користење на модерни помагала, како телефон, лап топ и микрофон за да ја крене атмосферата на напнатост, но и солидарност на публиката. Иако маглата е сценски ефект што на многумина им пречи, сепак, таа магла создаде невидени кадри што помогнаа да се почувствува немирот и несфатеноста на карактерот.

Оваа монодрама го става гледачот пред чин на саморефлексија, отвора прашања што не лесно се проголтуваат, а притоа ликот става капаче со потенцијалните суштествени раздробја, со ситен меѓу простор од кој протекува надеж.

Прецизно осмислено до најситен детал, режисерската палка на Дамјан Читкушев беше остварување без замерка. Двајцата, заедно со актерот Блажовски, беа одличен тандем инспирирани и поттикнати од починатиот книжевен великан, читачот на човечки души, Достоевски.

Којзнае зошто живееме кога не сме го вкусиле горчливото млеко на смртта?

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски