„Парадокс“ – Колку луѓе може да изглуми еден човек?

Колку луѓе може да изглуми еден човек? Да им влезе во оделата, да преспие во нивниот ум, да полудува од страв? Одговорот го знае Krzysztof Rogacewicz кој се проектира во секој лик од романот на американскиот писател Џозеф Хелер, романот *Замка 22*.

Рогачевич проструи со таква енергија, притоа тешката тема за војната разблажувајќи ја со сатира и сарказам, така што беше невозможно да се одмине неговата еластична природа да предизвика ако не емпатија, барем набојна емоција од публиката. Преку секој лик долови одреден аспект што војната го влечe со себе- сексуалното насилство, военото растројство, анксиозноста, губење и траума. Тој беше исплашено дете, беше и војник охрабрен од митот за подвиг и бесмртна слава, за потоа да стане војник што ќе измислува болести само да не се врати во вжарениот кратер обликуван на тркалезна маса од различните идеологи без присуство и мислење на сталежите кои ќе гинат во тој кратер. Со фуриозен говор и менување на гласот, тонусот на мускулатурата Рогачевич во прво лице го следеше текот на свесноста на ликовите. А сценските кадри што на пет големи платна прикажуваа исечоци во синхроницитет на сценариото само го засилуваа анти-военото кај публиката.

Прекинувањето на временската синусоида го отежнува следењето на монодрамата (кое е безредно и во романот по кој е адаптирана), но за разлика од романот, овде гласот, згрбавеноста или држечкиот војнички став дава до знаење на публиката дали тој е опседнат од персоната на авторитативниот и бескрупулозен поручник Катчарт или слабокрвниот Јосариан.

„Парадокс” не е само монодрама што треба да се следи од перспектива на изведбата, затоа што со својот текст поттикнува егзистенцијалистички парадокси/дубиози: ако оружјето е предадено, што правиме со масовното оружје што живее зад катодите на телевизорот, ако непријателот е на другата страна на фронтот зошто го чуваме грбот и од нашите, зошто идеолозите на војната не умираат на воен фронт туку од природна смрт?

Фарса, сатира, апсурд, војната е магматско огниште на вулкан, може да заспие на кратко, за одеднадеж да пеплоса сѐ. А Криштов Рогачевич најдобро знае како реално да ги одглуми сите заговорници и жртви на војната без непотребно расфрлување со метафори туку само со гола вистина.

Јована Матевска Атанасова
Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски