Кога заблудата силно удира, колку чина ѝ се потребни да создаде трагедија?
Без присуство на густиот и специфичен призвук на јазикот и изразот што Шекспир го негувал во секое свое дело, претставата „Д (како Дездемона)” го одигра спектакуларното „Отело” преку хипнозата на танцот и суптилните движења. Со наизменична промена на црвеното и црното, симболика на трулото и злобното наспроти страста и одмаздата осумте претставници на сцената го облагородуваа времето и тензијата низ говорот на телото. Рисима Рисимкин го истражува и хибридизира односот помеѓу театарот и танцот, нудејќи му на публиката едно транседентално уживање, во кое три реченици и безброј пируети и арабески се доволни да износат до крај комплексно дело од калибарот на „Отело”.

„Колку е зачудна онаа смрт која заради љубов умира?”
Препознатливиот јамбски пентаметар што владеел со стихот на Шекспир, а воедно, кој бил и дел од „Отело” беше присутен во сензибилитетот на збунетата Дездемона, во крикот, клеветата и круната на прељубничка, а секој танчар/актер беше слог што се пренагласуваше или ослабуваше во потреба на главниот акцент, односно, кој во тој конкретен дел од играта стоеше под рефлекторите.

„Срцето ми е камен, удирам, ме боли раката”
Во претставата сѐ беше доволно – танцот, костимите, музиката што ги поддржуваше наглите или повторувачки движења, сенките што се смалуваа и порамнуваа на платното зад танчарите, сценографијата. Морбидно и очудувачко, уште еден цврст доказ дека делата на Шекспир можат да се адаптираат на сцената и без неговите популарни и безвременски солилоквии. Само треба да се најде правилниот размер, колку да се допушти на фантазијата да го преобликува она што датира од пред пет векови и да се прекрои задоволително со призвукот на модерната уметност, нешто што дефинитивно го гледаме во „Д (како Дездемона)”.
„Јас не сум тоа што сум …”

Кореографијата и режијата се на Рисима Рисимкин , музиката ја изработи Тони Китановски, за костимографијата беше задолжен Благој Мицевски, додека пак сцената ја уреди Матеа Мијатовиќ. Улогите ги толкуваат:
Дездемона: Анастасија Данчевска
Јаго: Дејан Битровски
Отело: Лука Ѓорѓиевски
Емилија: Сара Димовска
Сенка: Давор Милев
Гласовите: Надја Луканова, Елена Терзиевска, Ивона Маневска
Јована Матевска Атанасова
Фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски