По објавувањето на документарецот „Avicii: I’m Tim“ и концертниот филм „Avicii: My Last Show“ што пристигна на Netflix кон крајот на 2024 година, чуварите на оставината на Avicii, во соработка со Pophouse и Interscope Records (Universal Music Group), го објавуваат албумот „AVICII FOREVER“, компилација од 19 клучни песни од покојниот Тим Берглинг – Avicii, збогатена со сосема новиот сингл „Let’s Ride Away“ во кој настапува Ел Кинг.
Ова издание е величествена прослава на животот и делото на еден од највлијателните музичари на нашето време. Албумот доаѓа кратко по објавувањето на документарецот „Avicii: I’m Tim“ на Netflix, кој премиерно се прикажа на 31 декември, дополнително истакнувајќи го неизбришливиот белег на Avicii во музичкиот свет.
Албумот „AVICII FOREVER“ им носи долгоочекувана нова музика на фановите, а воедно го проширува и неговиот веќе богат каталог на хитови што го освоија светот, вклучувајќи антологиски песни како „Wake Me Up“, „Levels“, „Hey Brother“, „Waiting For Love“ и многу други. Целта на ова издание е да се продлабочи знаењето за делото на Avicii кај пошироката публика и да се доближи неговото наследство до новата, помлада генерација слушатели.
Посебно изненадување е новата песна „Let’s Ride Away“, продуцирана од Тим Берглинг, Лук Лерд и Карл Фалк, а напишана од Кејси Масгрејвс, Тим Берглинг и Лук Лерд. Оваа песна совршено ја илустрира единствената способност на Avicii да спојува различни музички жанрови и да создава музика што длабоко резонира со публиката. Моќните и емотивни вокали на Ел Кинг го пренесуваат познатото чувство на слобода и авантура што музиката на Авичи го евоцира и во неговите настапи во живо и на снимките. Интересно е што во песната се појавува дувачки оркестар кој свиреше на неговиот хит „Fades Away“.
„Тим не беше само уникатен уметник, туку беше и текстописец и продуцент од најреткиот вид, со неповторлив талент за трансформирање на секој звук во нешто што е единствено негово. „Let’s Ride Away“ совршено го доловува тоа. Тоа е една од оние ретки песни што ги спојува органските елементи инспирирани од неговите корени со неговиот препознатлив мелодичен стил на начин што звучи свежо и несомнено како „Avicii“. Објавувањето на оваа песна сега им дава можност на уште повеќе луѓе да го доживеат тој сјај – можеби за прв пат“, рече Карл Фалк, продуцент и долгогодишен пријател на Авичи на Тим Берглинг.
Глобалната диџеј ѕвезда, продуцент и текстописец Тим Берглинг – Avicii издаде два студиски албуми, „True“ (2013) и „Stories“ (2015) пред неговата трагична смрт на 28-годишна возраст. Постхумениот албум „Tim“, беше издаден во 2019 година. Сите три албуми се вратија на светските топ листи по објавувањето на филм што го истражува животот и наследството на покојниот EDM уметник, како и концертен филм што го прикажува последниот настап на Авичи, додека „Forever Yours – Tim’s 2016 Ibiza Version“ стана нова химна за фановите на неговата работа.
Мултиплатинската уметница номинирана за Греми, Ел Кинг, е позната по својот смел музички стил што ги менува жанровите. Нејзините песни се слушани речиси две милијарди пати низ целиот свет, а таа влезе во историјата со платински сертифицираниот хит „Drunk (And I Don’t Wanna Go Home)“ со Миранда Ламберт, станувајќи првото женско дуо што се искачи на врвот на кантри листата на Билборд за речиси 30 години.