Од 17-ти до 23-ти мај во Центарот за култура – Битола ќе се одржи 26-то издание на Интернационалниот фестивал на монодрама. Фестивалот се отвора на 17-ти мај со „Д -како Дездемона“, танцов перформанс на Рисима Рисимкин а затворањето е со монодрамата „Куфер.мк“ на актерката Соња Михајлова која ќе се игра надвор од конкуренција.
„Ова е почеток на нашата фестивалска година, по ова следуваат фестивалот „Илинденски денови“ и Фестивал на музика од светот. Фестивалот се одржува седум денови со 12 претстави. – истакна В.Д. директорот Влатко Илиевски.
Годинава, фестивалот ќе понуди 10 монодрамски претстави во официјалната програма, со учесници од 9 држави: Македонија, Полска, Литванија, Шпанија, Киргистан, Грузија, САД, Романија и Бугарија. Отворањето и затворањето ќе се одржат во Народниот театар Битола, додека останатите претстави ќе се играат во салите на Центарот за култура.

Претставите се жанровски разновидни – од класични драмски дела до современ и документарен театар, со силен акцент на актерската трансформација и моќта на раскажување преку еден лик.
„Го држиме реномето, се обидуваме секоја година се повеќе да го зголемуваме реномето и квалитетот. Има многу работи кои што треба да се променат но тоа најмногу ќе зависи од средствата. Публиката е феноменална и секогаш на наша страна но се надеваме на повеќе средства како би можеле се повеќе да го збогатиме.“ – истакна Љупка Пајевиќ, која важи за основач и столб на фестивалот.
Жирито оваа година е во состав Рисима Рисимкин (Македонија), Емре Ердем (Турција) и Лаша Чхартишвили (Грузија) ќе ги додели наградите за Гран-при, најдобар актер и најдобра режија.
Интересот за учество секоја година расте, а годинава се пријавиле околу 50 продукции. Во натпреварувачкиот дел се селектирани 10 претстави, од кои две се македонски.

„Монодрамата како форма ја сметаме за “мала театарска форма“ со еден човек на сцената. Но ние сме сведоци дека тоа се случувале “големи“ претстави. И тоа секогаш било така на овој фестивал. Овој фестивал ја има таа мисија да ги мотивира актерите во театрите и независните уметници да работат монодрами.“ – истакна селекторот Благој Мицевски.
Во рамките на фестивалот е предвидена и богата офф-програма која вклучува: Статуи на Широк Сокак, драмска работилница за деца и млади, театарска работилница на американскиот актер Роналд Ранд, промоција на монографијата 1/4 век Интернационален фестивал на монодрама – Битола, Панел-дискусии: „Монодрамата како мост меѓу културите“ и „Aлма Малер“.
Визуелниот идентитет на фестивалот е дело на дизајнерот Сашо Илковски, а годинашниот слоган е: „Еден збор – еден свет“, што ја рефлектира суштината на монодрамата како уметност што зборува со една актерска интерпретација, но допира до многу светови.
Организатори на фестивалот се НУ Центар за култура – Битола, со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија, Општина Битола и Народниот театар Битола.
Фестивалот на монодрама останува верен на својата мисија да го негува театарот како средство за културна размена, уметничка експресија и лична трансформација.

