Повторно ќе пулсира музиката покрај езерото – со врвни изведувачи, диџеи, музичари, креативни работилници и секако, незаменливиот камп што го прави искуството потполно и незаборавно. На огромно барање на публиката, а на искрена радост на Дојран – Дојран Д – Фест е дома! Од 25 до 27 јули, продолжува да се испишува 17-годишната фестивалска приказна која мириса на лето, слобода, музика, љубов и Дојран.
Главната бина ќе биде на паркингот на „Гранит“ а засега се договорени Сенида, диџеј Мосел, диџеј Диволи, диџеј Никифор, диџеј Јоргос а со тек на време ќе бидат објавувани и другите артисти кои ќе настапат.
На изненадување на сите успешната долгогодишна соработка со претходната продукција згасна, па сега Општина Дојран продолжува со нова продукциска куќа Визуел Продакшн, спремна да понуди огромен број на изведувачи и артисти. Планот на општината која денеска потпиша меморандум со продукцијата, е да се потпише 5-годишен договор со одлука на Советот на Општина Дојран.
Дојран Д – Фест асоцира на будење покрај езерото со звукот на птиците, денови поминати во прекрасната дојранска природа, под сенките на столетните јавори. Дојран Д – Фест е синоним на топли летни ноќи исполнети со музика, дружба, забава и смеа.