На 15 мај 2025 година во НУЦК „Антон Панов“ Струмица, со почеток во 20:00 часот, премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Деца на светот“ во режија на Васил Михаил.
Претставата е работена по текст на Стефан Цанев, еден од најзначајните бугарски писатели. Режијата е на Васил Михаил, а улогите ги толкуваат Коста Ангов, Оливера Аризанова-Мансбарт и Анкица Бенинова. Сценографијата и плакатот се на Никола Пијанманов, костимите на Ванчо Василев, музички соработник е Боби Ѓошиќ.
„Деца на светот“ од Стефан Цанев е претстава која зборува за нас, Балканците. За меѓучовечките и брачни односи, за изборите кои ни ја определуваат иднината, за пасивноста, стереотипите, политичката корупираност, заминувањето на нашите деца по светот и губењето на идентитетот на поколенијата кои следат, за заборавените родители. Кога ќе се совпаднат генијалноста на авторот и желбата на актерите и авторскиот тим да се кажат на сцена суштински нешта кои длабоко ќе допрат до публиката, тогаш за режисерот е задоволство да ја преземе одговорноста и креативното водство во формирањето на естетскиот клуч на претставата. Како режисер за мене е најважно актерите да ја чувствуваат претставата како органски дел од нивното постоење. Театарот не е преправање или имитирање, напротив, тој е потрага по осветлување на вистините, кои потоа заедно со публиката ќе бидат доживеани и со тоа ќе станат дел од нашето постоење во иднина. Благодарен сум на целата екипа што даде се од себе претставата да дојде до најдобриот можен резултат и убеден сум дека публиката богато ќе го награди вложениот труд.“ – вели режисерот Васил Михаил.
„Комедијата е најтажниот жанр, жанрот на очајот. Кога ништо друго не му преостанува човек започнува да се смее. Трагедиите се пишуваат во среќни времиња.“
Со овие реплики од тажната комедија „Деца на светот“ од Стефан Цанев, авторот проникнува длабоко во трагикомичниот бит на постоењето. Со исклучително чувство за хумор ги гради ликовите поставени во безизлезна животна ситуација, додека отвора широк поглед и критика на менталитетот на балканските народи, стереотипите и корумпираниот општествен систем. Сите теми на претставата се спојуваат преку емотивната призма на родителите на децата кои заминаа во светот и нема да се вратат никогаш. Родителите кои истовремено се радуваат на успесите на децата, а се скршени од болка поради нивното отсуство. Животот често знае да биде парадоксален.
Претставата ја раскажува нашата приказна. Препознавањето на нашето секојдневие и живот воопшто е неизбежно. Она чувство кога нешто истовремено е многу смешно, ама и за плачење. Токму таква е претставата „Деца на светот“.
Премиерата на претставата е закажана за 15 мај, а репризните изведби на 20 и 21 мај.