Во сеќавање на доајенката на македонскиот театар-Мери Бошкова

На денешен ден, на 2 мај 1924 година е родена доајенката на македонската глума Мери Бошкова.

Бошкова е родена во Битола. Позната е по изведувањето на насловната улога во првиот македонски долгометражен игран филм „Фросина“ (1952) на режисерот Воја Нановиќ, како и во првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ (1961), во режија на Димитрие Османли. Добитничка е на најголемите признанија во нејзината богата глумечка кариера: Стериината награда за ликот на мадам Дибоа („Еригон“ од Јордан Плевнеш), како и голем број на високи сојузни и републички признанија-награда на Владата на ФНРЈ, Владата на НРМ, наградите „11 Октомври“ и „13 Ноември“, наградата за животно дело и др.

Била носител и на главните рољи со кои се прославила и во Македонскиот народен театар: Живка во „Госпоѓа министерка“ од Нушиќ, Дездемона во „Отело“ од Шекспир, Бароница Кастели во „Господа Глембаеви“, „Нора“ од Хенрик Ибзен и др.

Покрај нејзината професионална дејност во Македонија, Бошкова скоро една деценија творела во Народниот театар во Белград каде се прославила со улогата на Коштана во истоимената драма на Бора Станковиќ.

Освен со театар таа се занимавала и со радио, телевизија и филм. Ги одиграла улогите: Нада во телевизиската серија „Мирно лето“(1961), Хелена во „Сеништа“, Мими во „Ангели на отпад“ на Димитрие Османли, играла и во серијата „Тврдокорни“, „Збогум на дваесеттиот век“ и останати.

Мери Бошкова починала на 25 март 2014 година во Скопје.