Миодраг Мајиќ доаѓа на Саемот на книга во Скопје

Српскиот писател Миодраг Мајиќ ќе биде гостин на издавачката куќа „Антолог“ на престојниот Саем на книга во Скопје.

Мајиќ (1969) е српски писател и судија во Апелациониот суд во Белград. Докторирал кривично право, а специјализирал меѓународно кривично право. Објавил голем број правни текстови и учествувал во изработката на значајни закони од кривичното право во Србија. Со години неговиот блог е една од најпосетуваните и најкоментираните интернет-локации, каде што отворено зборува за корупцијата, непотизмот и политичките притисоци во правосудството.

Во издание на Антолог досега се објавени неговите романи: „Островот на пеликаните“, „Деца на злото“, „Рудник“ и „Под туѓо сонце“. По неговиот роман „Деца на злото“ кој во Македонија излезе во два дела е снимена истоимена ТВ серија.

Саемот на книга 2025, најголемиот книжевен настан во земјата, оваа година се одржува под мотото „Храна за душа“ од 8 до 14 мај во арената „Борис Трајковски“.