Најавена програмата на јубилејното 65-то „Охридско лето“

Американска пијанистка со блескава уметничка кариера,  Клер Хуангчи ќе го отвори јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид. Ова денеска го обелодени директорот на Националната установа „Охридско лето“ , Ѓорги Цуцковски, на прес-конференција на која беше промовирана програмата на годинешното фестивалско издание.

Свеченото отворање на овогодинешното издание на „Охридско лето“ е под наслов „Трансформација на сетилата“. Диригент е Едвин Оутвотер, со Клер Хуангчи на пијано од Соединетите Американски Држави, оркестарот на Македонската филхармонија и Рафаел Карико, визуелен дизајнер.

„При конципирањето на програмата запазени се највисоките критериуми на фестивалот со што со гордост го најавувам кремот на светската музичка елита во Охрид. Би ги издвоил најеминентните пијанисти Михаил Пљетњов, Лукаш Вондрачек, виолинистите Вадим Глузман и Џек Либек, виолончелистот Даниел Мулер Шот како и легендарната кастањета уметница Лучера Тено во дуо со еден од најзастапените светски харфисти Хавиер де Маестре како и многи други.Особено сум горд на гудачкиот квартет на кралскиот Концертгебау од Холандија како и на оркестарот Симфониета ди Болоња како претставници на најпрестижните национални оркестри во светот воопшто.“ – најави директорот Цуцковски.

Дел од „Охридско лето“ ќе биде и претстава за деца, како и два џез концерти меѓу кои еден на познатиот охридски уметник Дамјан Пејчиновски, како и настап на Националниот Џез оркестар со големата ѕвезда Шеон Кути претставуваат збогатување на програмата со тенденција да се допре и до најсофистицираните уметнички уживатели.

Првиот човек на НУ „Охридско лето“  соопшти и дека годинешното јубелјно 65. издание на фестивалот ќе биде одбележано со богата роденденска програма.

-„Охридско Лето“  првпат излегува од рамките на познатите сцени со што на 3. август го презентираме мега спектаклот Кармина Бурана – Симфонија на Битовите во изведба на повеќе од 70 уметници на сцена заедно со познатото електронско дуо IDQ од Република Србија со што воедно ќе ја започнеме и прославата по повод роденденот на фестивалот, кој идниот ден ќе биде прославен онака како што и е формиран, со рецитал на оперска пеjачка, тогаш истакнатата Ана Липша – Тофовиќ, а сега со нашата примадона со најголема интернационална кариера и бисерен глас, Ана Дурловски.“ – појасни директорот Цуцковски.

Како што рече селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ , Симона Ѓорчева, музичката програма годинава ќе понуди 29 музички настани со учество на повеќе под 300 уметници од САД, Кина и Европа. Целта,според неа, е да се создаде платформа за културна размена на врвно ниво, со уметници чиј втор дом се најреномираните светски концертни сали.

– „Програмата ја изработивме со огромен и интензивен ангажман, во тесна и секојдневна соработка со сите засегнати страни и институции, постојана размена на идеи и информации, како и детално усогласување на  музичко-културните аспекти и особености со директорот Цуцковски. Благодарение на оваа динамична тимска работа, за рекордно кратко време успеавме да составиме програма која, верувам, ќе ја одобри и ќе ја воодушеви и публиката.“ – рече Ѓорчева.

Според селекторот на драмската програма Ненад Витанов,фестивалот „Охридско лето“ е конципиран како меѓународна уметничка платформа за промоција и изведба на најдобрите уметнички дела од Македонија и светот.

-„Оваа година во драмската програма ќе имаме чест да проследиме мозаик од најразлични жанрови и стилови, уникатни креации на врвни актери, иновативни и современи читања на класични и современи дела на светскиот театар, постановки на мајстори на режисерскиот занает, визуелни слики кои креираат нов свет пред нашите очи. Сигурен сум дека ќе биде провокативно и инспиративно за театарската публика да се проследат дејствијата на претставите кои се протегаат низ пет векови актуелизирајќи ги одново вечните човекови сомнежи, копнежи, идеали, разочарувања, воздигнувања, стремежи, очекувања, откажувања, борби, победи, порази, уверувања, жртвувања, мечтаења, соништа…“ – кажа драмскиот селектор Витанов.

Како и музичката, и драмската програма ќе понуди незаборавни мигови за публиката од сите возрасти. Годинава на „Охридско лето“ ќе бидат одиграни  две премиери,  театарската претстава „ Амадеус“ во продукција на Турски театар Скопје и  театарската претстава „ Рута“  во продукција на Драмски театар Скопје, а европска премиера ќе има и театарската претстава  „Електра“ во продукција на Театарската асоцијација од Јужна Кореја и НУ „Охридско лето“.  Покрај тоа што најмладата публика ќе ужива во театарската претстава  на ОХО Продукција, сите уживатели на театарот ќе имаат можност да ја видат претставата која е најнаградувана годинава и воедно е и претстава  на годината,  „12“ во продукција на Македонски народен театар. Ќе биде изведена монодрамата „Сите најубави нешта“  со Игор Ангелов.