Кијану Ривс снима мокументарец за неговото музичкo ривалство со „Визер“

Холивудската ѕвезда Кијану Ривс најпознат по улогата на „John Wick“ ќе го игра главниот негативец во еден малку поинаков филмски жанр – мокументарец. Мокументарец е вид филм што прикажува измислени настани, но претставено како документарец.

Се работи за проект на рок бендот „Bизер“, а приказната е стара околу 30 години. Имено, Ривс и „Weezer“ се познаваат од 1992 година, кога „Визер“ свиреше како предгрупа за неговиот бенд „Dogstar“. Во 2024 година, за да ја прослават 30-годишнината од нивниот легендарен албум, бендовите повторно ја споделија сцената – овој пат со „Dogstar“ како воведен чин за „Weezer“. Токму ова измислено „ривалство“ во текот на децениите го формира столбот на заплетот на филмот, кој ќе се занимава со надреалниот конфликт помеѓу бендовите, музичката индустрија и патувањата со личното его..

Покрај Ривс, во филмот ќе играат и Џулиет Луис, Ерик Андре, Џони Ноксвил и Бен Шварц, заедно со самите членови на „Weezer“ во главните улоги. Филмот ќе биде комбинација од фикција и музички сегменти, со елементи на сатира и автофикција, а веќе се позиционира како еден од најоригиналните музички проекти на годината.

Мокументарците често се користат за да се анализираат или коментираат актуелните настани и прашања на сатиричен начин со користење на фиктивен амбиент, или да се пародира самата документарна форма. Терминот настанал во 1960-тите, но бил популаризиран во средината на 1990-тите. Премиерата на овој мокументарец се очекува кон крајот на 2025 година, иако точниот датум се уште не е официјално потврден.