Најавен „Star Wars: Starfighter“ со Рајан Гослинг во главната улога

Рајан Гослинг ќе глуми во новиот филм од франшизата „Војна на ѕвездите“, кој ќе се појави во кината во мај 2027 година, објави „Лукасфилм“ на Дизни. Заплетот на филмот „Star Wars: Starfighter“ ќе се одвива пет години по „The Rise of Skywalker“ од 2019 година, со кој се затвори сагата од девет филмови за Skywalker.

Филмот е „целосно нова авантура со сосема нови ликови сместени во временски период кој сè уште не е истражен на екранот“, се вели во соопштението.

Режисер е Шон Леви, а продукцијата започнува наесен. Леви го режираше филмот на Марвел од 2024 година „Deadpool & Wolverine“ и епизоди од ТВ серијата „Stranger Things“ на Нетфликс.

„И ние сме обожаватели. Очигледно постои врска помеѓу овие приказни и публиката, ние го поминавме животот во таа публика. Знаеме колку е значајно“. – вели Леви.

Улогата на Гослинг e необичен потег за франшизата која претпочита нешто помалку ѕвездени изведувачи кои не би ги засениле самите филмови. А неофицијално Мајки Медисон одбила улога во овој филм.

Лукасфилм, исто така, ги прикажа новите снимки од „The Mandalorian & Grogu“, следниот филм на франшизата што треба да се појави во мај 2026 година, и најави нова анимирана серија на Дизни + „Maul: Shadow Lord“, базирана на незаборавниот негативец за прв пат виден во „Star Wars: Episode I – The Phantom Menace“, исто така, чија премиера треба да биде во 2026 година.

Актерот Рајан Гослинг три пати беше номиниран за Оскар, а последен пат за улогата на Кен во филмот „Барби“ од 2023 година.

„Војна на ѕвездите“ е научно-фантастична франшиза создадена од Џорџ Лукас во 1977 година, сместена во многу далечна галаксија. Филмовите заработија повеќе од 5,1 милијарда долари на кино благајните ширум светот.