Ова е концерт кој не го најавуваме со фанфари. Затоа што истиот се чувствува во градите. Ова ќе биде музички проект што не се слуша – туку се доживува. „ПРЕМИН 25, на 21 април, КИЦ во Центар за култура – Битола, организира настан кој нема да биде само концерт, туку сценски чин што зборува со тишина со музика, со гласови, со движење.
Во најава на грандиозниот музичко-сценски проект „ПРЕМИН25″ денеска во Офицерски дом-КИЦ Битола, беше одржана прес конференција на која беа присутни организаторите и соработниците како од КИЦ Битола, така и од НУ Центар за култура и Народен Театар – Битола, авторот Горан Трајковски, режисерот Дејан Пројковски и соработници кои зборуваа за претстојниот проект.
Горан Трајкоски не е само музичар – тој е звукот на македонскиот немир, автентична креативна фигура што негува длабока експресија низ жанрови кои не се ставаат во ниту еден калап. Од култните „Мизар“ и „Анастасија“ до експерименталните проекти што остануваат вонвременски, неговата музика секогаш се движи на работ – меѓу традиција и револуција, меѓу мит и контемпорарија. Овој април, токму во велигденската недела, Трајкоски го носи „ПРЕМИН 25“ – нов музички проект со Камерниот оркестар на Битола под водство на маестро Владимир Димовски, и гласовите на Тања Царовска, Ана Митоска и Петар Христов.
„ПРЕМИН 25“ не е само алузија на празничен момент. Тоа е лична и колективна метафора – за минување, трансформација, созревање. Во режија на Дејан Пројковски, сцената станува простор каде музиката добива форма, светлина и здив. Пројковски, еден од највпечатливите театарски режисери кај нас, не го режира звукот – туку го претвора во гест. Во присуство. Во сцена што не се заборава.
„Премин 25“ ќе се одржи на 21-ви април во 20 часот во Центар за култура – Битола. Влезот е слободен со ограничен број места. Проект е во организација на КИЦ – Битола, поддржан од НУ Центар за култура, Народен театар – Битола и Општина Битола. Ова е прв ваков проект кој се реализира со здружени сили на битолските културни институции поддржани од Општина Битола и отвора перспективи за идите заеднички проекти.
