Актерката Сара Климоска наскоро ќе има премиера на својата монодрама „Забранетиот плод“ според истоимениот стрип на шведската авторка Лив Стромквисти а во драматизација на Викторија Рангелова – Петровска. Режијата на оваа едукативна претстава ја потпишува Нела Витошевиќ.
Овој графички роман е духовит, провокативен и феминистички осврт на историјата на женското тело, особено на женските гениталии и сексуалноста. Преку историски факти, анегдоти, научни сознанија и елементи од поп-културата, авторката открива како низ вековите општеството, религијата и науката создавале табуа, срам и предрасуди околу женското тело. Со многу иронија и хумор, таа ги разобличува патријархалните механизми на контрола врз жената.
Монодрамата „Забранетиот плод“ е поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.