Долгометражното режисерско деби „Сладоста на горчливите нешта“ на Андреј Волкашин синоќа ја имаше својата светска премиера на 30. издание на Tallinn Black Nights Film Festival (PÖFF), во натпреварувачката програма First Feature Competition, посветена на дебитантски долгометражни играни филмови.
На црвениот тепих и проекцијата присуствуваше екипата предводена од режисерот Андреј Волкашин, актерките Зорица Нушева, Долорес Лео Поповиќ како и други членови на продукциската екипа и Агенцијата за филм.

ГАЛЕРИЈА ОД МАКЕДОНСКАТА ЕКИПА НА ЦРВЕНИОТ ТЕПИХ
Во рурална Северна Македонија, Дора, лекарка во средни години, го изградила својот живот околу должноста – кон својот сопруг со кој е отуѓена, ќерката која се соочува со проблеми и болната мајка. Кога во нејзиниот дом ќе биде донесена повредена млада жена, грижата за неа буди желба што Дора ја потиснувала со децении. Нивната растечка блискост прераснува во тајна врска, која полека го дестабилизира животот што таа толку напорно се трудела да го зачува. „Сладоста на горчливите нешта“ е тивка, сензуална драма за потиснувањето, желбата и можноста за трансформација во подоцнежната животна доба. Сместена во оддалечен рурален пејзаж, каков што ретко се гледа на филмското платно, природата станува емоционален контрапункт на воздржаното постоење на Дора. Скриените реки, дивиот терен и изолираниот водопад се огледало на желбите закопани длабоко под површината. Ненадејните бури и променливата светлина ја одразуваат тензијата помеѓу нежноста и опасноста, контролата и препуштањето. Носен од моќната и длабоко нијансирана изведба на Зорица Нушева, филмот се одвива преку суптилни гестови, долго набљудување, тишина и звучна атмосфера што целосно ве вовлекува во себе – каде што ветерот, дождот и водата го засилуваат будењето на Дора.