Неда Димкова со деби-синглот „Не ми е срам“ започнува ново поглавје на македонската музичка сцена

Неда Димкова (Скопје, 2007) е млада вокалистка со впечатлив музички и сценски талент, чиј уметнички израз ги обединува поп-музиката, рокот, операта и мјузиклот. Уште од најрана возраст е присутна на сцената, а на само 11 години ја толкува главната улога во мјузиклот „Ени“, кој зе изведува во Драмскиот театар и Македонската филхармонија. Нејзиниот интерес за музиката и сценските уметности се развива и низ бројни театарски, музички и танцови проекти.

Добитничка е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари по пеење, меѓу кои повеќекратни први места на Државниот натпревар, Златна награда на Global Young Musicians Competition, Гран при на Cover Fest Mladih Izvođača – Србија, прво место на Musicland,  второ место на меѓународниот натпревар Unsigned Only во САД. Пошироката публика ја препознава и по изведбата на „I want to break free“, која достигна повеќе од пет милиони прегледи на YouTube. Во 2024 година настапува со Камерниот оркестар од Битола, изведувајќи музика од филмот „Кабаре“.

Денес, Неда е студентка во прва година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот за соло пеење, каде што го продолжува своето музичко образование.

„Не ми е срам“ е нејзиниот дебитантски сингл и прво самостојно претставување на македонската музичка сцена. Песната е авторско дело на Александар Масевски, кој се потпишува како комплетен автор – на музиката, текстот и аранжманот, како и продуцент. Станува збор за современа поп-балада со силен емотивен набој и динамичен ритам, во која до израз доаѓаат моќниот вокал и интерпретативниот потенцијал на младата пејачка.

Песната е проследена со впечатлив музички спот во режија на Бојан Василев. Со внимателно осмислена визуелна концепција, атрактивни кадри и препознатливи градски локации, спотот ја надополнува емоцијата на песната и создава впечатлива аудиовизуелна целина. Визуелната приказна, исто како и музиката, ја истакнува младешката енергија, харизмата и сценското присуство на Неда.

Со „Не ми е срам“, Неда Димкова го најавува почетокот на својот професионален музички пат, носејќи свежа енергија, автентичност и препознатлив вокален израз.

„Не ми е срам“-Неда Димкова