Претставите „Госпоѓица Јулија“ на ОХО продукција и „Слепци“ на НУ „Турски театар“ ќе учествуваат на првото издание на театарскиот фестивал Dyrrachium Internationl Theatre Festival во Драч, Албанија.
„Слепци“ во режија на Ќендрим Ријани го отвора фестивалот на 15 септември а битолската „Госпоѓица Јулија“ настапува на 19 септември.
„Слепци“ на минатогодишниот МТФ „Војдан Чернодрински“ однесе дури четири награди меѓу кои и наградата од публиката со просечна оцена 5.00. Награда за режија доби Ќендрим Ријани, за најдобра млада актерка Слаѓана Вујошевиќ а за рекламен материјал Медина Хоџа.
„Госпоѓица Јулија“, по текст на Август Стриндберг, во режија на Иван Јерчиќ и во продукција на ОХО Продукција, КИЦ Битола, Europe House Битола и Центар за култура – Битола. Претставата ја имаше својата премиера во април годинава, а во изминатите месеци беше повеќепати изведена пред битолската публика, која ја проследи со голем интерес и одлични реакции. Во насловната улога настапува актерката Викторија Степановска Јанкуловска, ликот на Жан го толкува Никола Стефанов, додека улогата на Кристина ја игра Марија Стефановска. Претставата говори за класните разлики, моќта, општествените ограничувања и положбата на жената — теми кои и повеќе од еден век по настанувањето на драмата, остануваат исклучително актуелни. Пред гостувањето во Албанија, битолската публика ќе има можност да ја погледне претставата на 16 септември во 20 часот, во Офицерскиот дом.