Режисерот Филип Петковски ја постави „Крвава свадба“ од Лорка во Благоевград

На 7 септември во Драмскиот театар „Никола Вапцаров“ во Благоевград премиерно ќе се одигра претставата „Крвава свадба“ по текст Федерико Гарсија Лорка а во режија на македонскиот режисер и корегораф Филип Петковски.

Петковски има диплома по театарска режија, танцова антропологија и култура и перформанс. Во својата работа тој комбинира физички и постдраматичен театар, современ танц и балканското фолклорно наследство. Во „Крвава свадба“ Петковски гради современ сценски ритуал во кој телото, движењето, музиката и визуелната слика го изразуваат она што зборовите го оставаат некажано – конфликтот помеѓу општествените очекувања и човечките желби.

Продукцијата не се стреми буквално да го пресоздаде јужношпанскиот свет на Лорка, туку бара негово ехо во балканскиот сензибилитет. Елементи од ромскиот и балканскиот фолклор се среќаваат со современата сценска естетика, а религиозното и паганското, познатото и туѓото, постојат во една заедничка, неплодна земја. Сценографијата на Мартин Манев ја пресоздава „сувата пустелија“ спомената во претставата, а костимите на Антонија Гугинска Јорданоска нудат современо читање на традиционалната облека на јужна Шпанија.

Во ова толкување, жената повеќе не е само жртва на трагедијата, туку активен учесник во сопствениот избор. Поезијата на Лорка поминува низ претставата како претчувство, сеќавање и предупредување. И кога музиката ќе престане и свадбениот ритуал ќе заврши, прашањето останува: дали трагедијата е резултат на еден погрешен избор – или на свет во кој никогаш немало вистински избор?

Петковски минатата година во Драмски театар – Скопје ја постави „Ифигенија за ништо“ со која освои неколку награди.