Филм за мигранти од Југославија во најтесен избор за кандидат за Оскар на Данска

Дебитантскиот игран филм „Дом“ (Hjem) на режисерката Маријана Јанковиќ, данско-српска копродукција, e меѓу трите филмски дела во потесен избор за официјална данска номинација за 99-то доделување на наградите Оскар во категоријата најдобар меѓународен игран филм. Данскиот комитет за доделување на наградите Оскар ќе ја објави својата конечна одлука на 25 септември.

Филмот ја имаше својата светска премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам, по што беше прикажан и во програмата на отворено на Филмскиот фестивал во Сараево. Делото на Маријана Јанковиќ го отвори и Филмскиот фестивал во Херцег Нови во Црна Гора.

Оваа трогателна и интимна драма, инспирирана од личното искуство на режисерката, ја раскажува приказната за шестгодишната Маја и нејзините родители, кои ја напуштаат Југославија со надеж дека ќе изградат подобар живот во Данска. Двајцата постари браќа на Маја остануваат во својата татковина, со ветување дека ќе му се придружат на семејството штом ќе се сместат и ќе најдат безбедност во својата нова земја.

Сепак, животот во Данска се покажува како многу потежок отколку што очекувале. Соочени со непознат јазик, различна култура и нов начин на живот, членовите на семејството се обидуваат да го пронајдат своето место во средина каде што сè уште не припаѓаат. Додека се борат со неизвесност и осаменост, желбата за повторно обединување на нивното семејство станува нивна најголема надеж.

Филмот „Дом“ е за миграцијата, припадноста и цената што луѓето ја плаќаат во потрага по побезбедна иднина. Низ перспективата на едно дете, Маријана Јанковиќ го прикажува искуството на едно семејство растргнато помеѓу земјата што ја напуштиле и новиот дом што сè уште се обидуваат да го изградат.

Главните улоги ги играат Дејан Чукиќ, Златко Буриќ, Трине Дирхолм, Клас Банг и Јеспер Кристенсен. Сценариото го напишаа Маријана Јанковиќ, Бо Хр. Хансен, Бабак Вакили и Емил Нигорд Албертсен, додека директор на фотографија е Мануел Кларо. Филмот е продуциран од Нордиск Филм Продакшн.

„Дом“, снимен на дански и српски јазик, трае 105 минути.