Јаков Јозиновиќ: „Драго ми е што младите ги учам на старите добри песни“

Непосредно пред својот прв настап во Македонија, Култура24 ви носи интервју со вирално популарниот Јаков Јозиновиќ. Тој вечерва настапува на познатата „Златна Бубамара на популарноста“ а на 9 април ќе одржи свој голем солистички концерт во СЦ „Јане Сандански“ во рамки на својата голема регионална турнеја „Ja za čuda letim“.

Разговаравме за тоа како гледа на својата растечката популарност и на песните кои ги пее. Како ги спои музиката и студиите на факултетот за политички науки? А Јаков ни ја откри и неговата Netflix рутина.

Вечерва го имаш твојот прв настап во Македонија. Дали претходно си бил овде и што си чул за Македонија претходно?

Јаков Јозиновиќ: Ова ми е втор пат да сум во Македонија. Кога дојдов првиот пат во Скопје пред неколку години, сè уште не бев познат. Покрај ајварот, сум чул дека имате одлични музичари кои оставиле и оставаат траг. Тоа е првото нешто што го знам за вас, а она што го научив кога прв пат дојдов тука е дека имате многу добар дух и добри луѓе.

Песните на Тоше се редовно на твојот репертоар. Што друго од македонската музика си чул и допрело до тебе ?

Јаков Јозиновиќ: Тоше го пеам редовно, знам и доста од Калиопи. Но можеби сум премлад, па на пример за Владо Јаневски не сум чул. Но ете ми домашна задача, бидејќи и така размислувам што македонско би можел да пеам на концертот.

Неодамна се одржа „Дора“ – хрватскиот избор за евровизиски претставник. Дали Јаков има желба да ја претставува Хрватска на Евровизија?

Јаков Јозиновиќ: Кога бев мал имав желба да одам на Детска Евровизија, но некако пребрзо пораснав до 20 години па сега веќе не можам. Се разбира имам желба за Евровизија, но мислам дека сега не е таква ситуацијата, не е ниту време, ниту место. А и би рекол, она што веќе ми се случува не може да биде поголема победа од Евровизија. Кога ќе биде вистинскиот момент секако би одел, затоа што сакам мојата мила Хрватска си ја врати победата. Пред три години скоро успеавме во тоа со Baby Lasagna но сигурен сум ќе биде некогаш.

Најголем дел од повозрасните колеги те сакаат и поддржуваат, но има и такви кои велат дека ваква популарност и успех не се нормални. Како се чувстуваш ти?

Јаков Јозиновиќ: Кога би тргнале да размислуваме што е нормално а што не е, можеме да размислуваме два дена. Јас од првиот ден престанав да размислувам што е нормално а што не е. Јас само уживам во ова, бидејќи е прекрасно. Побитно е да размислувам дали е тоа прекрасно отколку дали е нормално. Дефинитивно е несекојдевно. И нешто што не можеш секој ден да го видиш, почуствуваш и доживееш. Но во тоа е убавината.

Песната „Оливера“ од Балашевиќ стана твој препознатлив знак, па дури имаше и луѓе на социјалните мрежи кои коментираа: „Зошто Балашевиќ пее песна од Јаков Јозиновиќ“. Како ги бираш песните кои ги изведуваш?

Јаков Јозиновиќ: Го видов тоа и се насмеав. Јас сакам добар хумор а ние балканците го имаме тоа. Драго ми е што во младите будам знаење за некои песни кои дефинитивно треба сите да ги знаеме. Тие изведувачи оставиле таква музика и текст што само можеме да учиме од нив. А ако младите досега не знаеле, драго ми е дека еве јас ги научив на некои стари добри песни.

Студираш на Факултетот за политички науки, зошто го избра баш овој факултет?

Јаков Јозиновиќ: Мислам дека на младите светот останува. И дека ние младите, како јас ти, треба да се занимавме со тоа. Апсолутно поддржувам ти да се занимаваш со тоа, но јас не. Сепак бирам да се занимавам со музика, бидејќи мислам дека музиката и политиката никогаш не треба да бидат поврзани. Го запишав овој факултет бидејќи има насока медиуми и маркетинг, а мене тоа многу ме интересира. И исклучиво заради тоа го направив овој избор и задоволен сум од него.

Со големата популарност дојдоа и многу активности. Колку Јаков има слободно време да ужива во добра музика, филм или серија. Што последно гледаше?

Јаков Јозиновиќ: Во последните три месеци не стигнав ништо да видам. Единствено што стигнав е последата сезона на „Stranger Things“ и не ме воодушеви. Би сакал да имам малку повеќе време, и се трудам. Секаде со мене носам лаптоп но не ми оди со гледањето. А можеби и не морам да гледам Нетфликс сега, доволно гледав последните 20 години.