Доајените на битолскиот и македонскиот театар, Соња Михајлова и Петар Мирчевски ќе играат главни улоги во новиот филм на Милчо Манчевски – „Збогум Копакабано“.
Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Калина Наумовска, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Сара Панковска, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
Петар Мирчевски по седми пат ќе игра во филм на Манчевски, овој пат, како Наќе Топузовски, кој мисли дека личи на Бред Пит, иако сите му велат дека е копија на Дени ДеВито. На прашањето како ќе успее да заличи на Пит, Пепи изјави:
„Не знам. Бред Пит постојано ми се јавува и ми вели: „Пепи, сите викаат дека многу личам на тебе““.
Актерката Соња Михајлова го игра комплексниот лик на Тодора, белокоса госпоѓа, луцидна, непредвидлива и мистериозна. За тоа како го градеше ликот, таа вели:
„Тодора е лик чии карактерни особини можам да ги препознаам и кај себе и кај мајка ми и баба ми… па дури и кај моите помлади колеги Сара и Филип. Безвремена е“, вели Соња.