Во штипското село Три Чешми деновиве се снима новиот македонски филм „Човек против јато“. Филмскиот сет денес го посетија Министерот за култура и туризам Зоран Љутков заедно со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и директорот на Агенција за филм, Сашко Мицевски.
Се работи за дебитантскиот долгометражен игран филм „Човек против јато“, по сценарио и во режија на нашата режисерка со две номинации за Оскар и добитничка на награди на престижниот фестивал Санденс, Тамара Котевска.
„За мене лично овие предели се доста инспиративни, ова е трет филм кој го снимам во оваа област. И Беќирлија е тука преку ридот. Секој пат кога се наоѓам овде за мене е посебна магија, природно, спонтано излезе да ја најдеме локацијата тука. Сценариото почнав да го пишувам пред шест години. Уште пред „Медена земја“. “ – вели Котевска.
Филмот освен во Штип се снима уште на две локации во Скопје и Велес. А режисерката Котевска информираше и дека „Човек против јато“ е филм кој го прикажува конфликтот помеѓу традицијата и модернизацијата, отпорот и прифаќањето на промените и прашањето што навистина значи да го сочуваш својот идентитет во свет што е подготвен да продаде сè во име на профит. Филмот е работен по вистинска случка за едно семејство кое е со различни мислења за изградбата на кинескиот автопат наречен по компанијата која го градеше, „Синохидро“ од Кина. И тоа едни членови на семејството се против изградбата а другите работат на изградбата на истиот. Самото село во кое се снима филмот е последната клучка на автопатот Штип-Миладиновци.
Во главните улоги настапуваат Кирил Андоновски, Верица Недеска, Лола Трендафиловиќ, Горан Богдан, како и актери од Македонија, Хрватска, Германија, Холандија и Бугарија.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм и Министерството за култура и туризам заедно со филмските центри на Грција, Србија, Хрватска,Турција, Црна Гора и најголемиот европски фонд Еуроимаж.