Ѓоковиќ започна со снимањето на дебитантскиот филм „Потстанар“

На 15 јуни 2025 година започна снимањето на дебитантскиот долгометражен игран филм со работен наслов „Потстанар“ на Марко Ѓоковиќ, а во продукција на „Сектор Филм“. Сценаристи на филмот се Марко Ѓоковиќ и Симеон Венциславов, од Бугарија.

Филмот ќе се снима на повеќе локации во Скопје во наредниот месец.

„Потстанар“ е психолошка драма инспирирана од драмскиот текст „Владимир“ на словенечкиот автор Матјаж Жупанчиќ. Филмот ја раскажува приказната за тројца пријатели чиј заеднички живот добива неочекуван пресврт откако зад шармантната фасада на нивниот нов цимер започнува да излегува на виделина неговата вистинска, манипулативна природа. Во тесниот простор на заедничкото живеалиште, борбата за лична слобода станува неизвесна.

Главните улоги ги толкуваат младите и талентирани македонски актери Ана Јовановска, Илија Волчевски и Хакан Даци, како и Албан Укај од БиХ — искусен актер, кој се прослави со впечатливата улога на „Сокол“ во филмот Lorna’s Silence на браќата Дарден. Во останатите улоги се: Николина Кујача, Камка Тоциновски, Софија Куновска, Борис Дамовски, Адем Карага, Стефанија Начевска, Мина Јелушиќ, Лазар Христов, Бранко Атанасов и Матеа Јанковска.

„Сектор Филм“ го реализира филмскиот проект „Потстанар“ во копродукциска соработка со „Mir Media Group“ и „Living Pictures“ од Србија и со „Parangal Film“ од Црна Гора, со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот центар на Црна Гора.