Екипата на „12“: Она што го гледаме денес е во принцип џез

59-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во петокот се отвори со моментално најактуелната претстава на Македонскиот Народен Театар – „12“ во режија на Синиша Евтимов. Ден по нивната изведба дел од екипата на претставата предводена од директорот на МНТ – Никола Кимовски, режисерот Синиша Евтимов и актерите на претставата: Сашко Коцев, Нино Леви и Ѓорги Јолевски разговараше со публиката во формат на тркалезна маса.

Претставата го привлече вниманието на јавноста со фактот што во неа играат дванаесетте најпопуларни актери од ансамблот на МНТ па неизбежно, најинтересно за сите беше прашањето како функционираат овие дванаесет актерски величини заедно?

Синиша Евтимов: „Ми беше предизвик да ги соберам сите заедно, и ова е фактички една моја ода посветена на нивното влијание во мојот живот и што ме направило она што сум денеска како театарски работник. Мислам дека успеавме подобро да се запознаеме и она што е многу битно во даден момент сфативме дека како тим сме многу подобри заедно отколку секој посебно. Не ги спориме индивидуалните квалитети на секој од нив, кога виртуози играат под зададени ноти се случува една прекрасна симфонија. Кога ја создадовме симфонијата решивме да ја реискршиме, бидејќи она што го гледам денес како финален продукт е во принцип џез. Не е како класична музика. Има точни партитури меѓутоа има и делови каде што пишува intro. И потоа одиме онаму каде што треба да одиме во зависност од тоа како сме вечерта расположени.“

Сашко Коцев: „За мене беше голема возбуда да се биде на сцена со оние луѓе заради кои се запишав на Драмски факултет“. Со друг текст ова не би било возможно. Овде горе-долу сите имаат еднакви задачи. Но тоа беше најтешкиот дел, затоа што ова е по мене е монолог на еден човек каде што тој се убедува и разубедува. А кој треба да го изговараат дванаесет луѓе. Тоа ни беше како некоја цел, како еден човек да зборува а и сите во исто време. Беше голем предизвик да стигнеме до тоа да изгледа и звучи вака.

Ѓорги Јолевски: „Сите доаѓаме со некои свои методи на работа. Синиша дојде со многу силна и чиста идеја но во текот на процесот видов дека многу се разликува од моите поимања како се создава театар и како се работи. Јас за прв пат работев со него како режисер а јас имам детерминиран принцип на работа. И ова беше хорор, особено како ќе се договориме за мизансцен. На крајот, бидејќи беше даден тој систем на демократски пристап, си зедов слобода да работам онака како што сакам. Се разбира обидувајќи се да не наштетам на другите колеги и истовремено да ја црпам енергијата од нивната фокусираност и моќ на изразување. Па заеднички да плетеме еден систем која што на сите нас ни дава големо задоволство. Со премиерата всушност не заврши тој вид на плетиво туку следните триесетина претстави кои што ги одигравме, секој лик се обидува да се гради внатре во својот микросистем на функционирање и секоја претстава е нова возбуда. Така беше синоќа со прилепската публика која е поинаква од скопската. Таму сме малку разгалени и не прифаќаат но овде публиката беше доста сурова и некомуникативна бидејќи очекуваше да го види она што толку многу се зборуваше во медиумите и беше навистина тешко.“