„CODE 369“ го објавија албумот „Među zvijezdama“ под етикетата на Croatia Records

Македонскиот бенд CODE 369 од Битолa, познат по својата силна музичка особеност која комбинира фанк, џез, рок и поп, го издаде својот втор студиски албум за издавачката куќа Croatia Records – „Među zvijezdama“. По успешното деби „Stages of Love“, овој нов албум го потврдува својот статус како еден од најсвежите алтернативни рок бендови во регионот.

Автор на музиката за сите песни на албумот е Даниел Митревски, кој е и продуцент на албумот, додека текстот е на пејачката Ирена Димовска, освен за песната „Konkretno“, чиј текст го напиша Мила Влаисављевиќ. Албумот е снимен во студиото Atelier, а мастериран од Славко Ристески во Pro Sound студиото. Визуелниот идентитет на албумот е дизајниран од Лана Ловриќ, чие уметничко решение ја следи атмосферата и пораката на албумот – патување низ емоции и соништа.

Албумот „Među zvijezdama“ носи звук што балансира помеѓу алтернативниот израз и комерцијалната прифатливост, додека ја одржува карактеристичната слобода, енергија и длабочина што фановите на бендот веќе ги препознаваат и ценат. Посебен фокус е даден на синглот „Konkretno“, кој веќе доби одлични реакции од публиката и критичарите.

„CODE 369“ неодамна настапија на настанот „Dani Croatiа Recordsа“ во Македонија, каде што претставија нови песни во живо. Албумот е достапен и дигитално, а отсега и како физичко CD издание во сите продавници на Croatia Records и на веб-продавницата.

За сите љубители на музиката што не се согласува на компромиси и ги истражува границите на жанровите – „Među zvijezdama“ е албум што не треба да се пропушти.