Жири комисијата на 70. Стериино позорје во Нови Сад (Вања Ејдус, актер и претседател; Дражен Ференчина, режисер; Федор Шили, драмски писател; Петар Грујичиќ, театролог, и Ѓорѓе Косиќ, драмски писател) на завршната седница, одржана касно вечерта на 2 јуни 2025 година, донесе одлука Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра да ја додели на ансамблот на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, во продукција на Македонски народен театар, Скопје.
Одлуката е донесена едногласно. Концептот во кој поединецот на сцената има смисла само во група која комуницира преку заедничка душа и каде сите се поврзани меѓусебно, кој е јасно видлив во оваа претстава, покажа и докажа каде е местото на МНТ во театарот на овие простори и по подолго време го врати МНТ меѓу наградените на овој реномиран театарски фестивал.
„Ансамблот на актери делува како часовник чии делови не се униформни по материјал, туку се фино наштимани. Александар Микиќ како Јеврем Прокиќ не прикажува профан политички кандидат во пародичен клуч, туку фигура на „невин виновник“: неговиот Јеврем не е ниту глупав ниту покорен – тој е едноставно просечен. Тоа е знак на граѓанин кој верува дека може, но не знае зошто. Неговата „неспособна“ амбиција симболично означува корупција не од злонамерна намера, туку од внатрешна безмилосна наивност. Оттука и трендот на опаѓање на симпатиите на публиката кон него. Или, можеби, е поради просечната глума? Неговата перформативна тромост не е грешка – тоа е стратегија за преживување. Тој не знае што прави, но барем се чини дека се обидува. И тука иронијата на режисерот е најсилна: пратеник кој не знае зошто е таму, опкружен со луѓе кои не знаат кого претставува. Од друга страна, Тони Михајловски како Срета стои на другиот поларитет: мета-знакот на манипулатор. Неговата прецизност во темпото, говорот, интонацијата и наметливата сценска самодоверба прават секој збор што го изговара да изгледа како цитат од некоја внатрешна политичка брошура за почетници. Тој е обележје на моќ – неформален, сенчест во позадина, оној што не е во собранието, но кој го управува. Срета е како реликт од политичката телевизија што, се чини, залутала во драмски текст. Тој е таму за да нè потсети дека има луѓе кои знаат како сè функционира – но токму затоа ништо не треба да се менува. Неговото присуство е тврдење дека сите други на сцената се аматери – тој е професионалец. Во што? Во тоа што е Срета. Тој ја поседува инерцијата на искуството, темпото на отсечена совест. Сепак, тој не е демон, туку знак на нормализиран аморализам. Тој не ја поттикнува корупцијата – тој е нејзиниот начин на живот. – се вели помеѓу останато во критиката на Спасоје Миловановиќ.