Еден од најпрепознатливите вокали на регионалната рок сцена, Дадо Топиќ, годинава за прв пат настапува на фестивалот CMC во Водице. Иако дебитира на овој фестивал, Дадо доаѓа со повеќе од пет децении музичко искуство и богата кариера зад себе.
Топиќ кој во Македонија е најпознат по истоимената култна „Македонија“ и дуетската „Принцеза“ со Слаѓана Милошевиќ, на фестивалската сцена ќе ја претстави својата нова песна „Donna impossibile“. Се работи за ретро поп-рок балада инспирирана од италијанскиот стил од 70-тите години, снимена во Лос Анџелес во соработка со американски музичари. Музиката и аранжманот се на Брано Ликиќ, додека текстот е напишан во соработка со Ликиќ и Јосип Слишко. Видеото, продуцирано од CroRec Video, дополнително ја засилува носталгичната атмосфера на песната.
„Фестивалот CMC ми изгледа како вистинска летна забава – јахти, море, хотели, убави девојки во фустани… ќе биде прекрасно“, вели Дадо со насмевка.
Иако ова е негово прво појавување на фестивал, Дадо открива дека би сакал тоа да стане нова традиција: „Можеби можам да го претворам ова во традиционален настап“.
Публиката во Водице може да очекува силен, емотивен и автентичен настап – токму таков каков што може да го пружи само легендарниот Дадо Топиќ.