Наскоро прва премиера на Прилепски театар по затворањето

Во театарот „Војдан Чернодрински” наскоро се очекува премиера на претставата „Чиста куќа” по текст Сара Раул а во превод и режија на Тамара Стојаноска. Ова е прв проект од годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам. А воедно и прва премиера по затворањето на театарот поради констатираните недостатоци. Во моментов во тек се сценските проби а паралелно се оспособува и просторот во пресрет на премиерата и МТФ „Војдан Чернодрински“.

Во претставата играат Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Јасмина Мицовска Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски.

Драматург е Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, сценографија и дизајн на плакатот се на Филип Коруновски. Изборот на костими и музика ќе биде на режисерката Стојаноска со Ана Митоска како музички соработник.

„Чиста куќа” (2004) е длабоко човечка приказна испреплетена со елементи на магичен реализам. Претставата ќе зборува за животот полн со непредвидливи моменти – љубов што нè обзема, загуба што нè парализира, смеа што нè ослободува. Во „Чиста куќа”, Сара Рул ни покажува дека, иако се обидуваме да го исчистиме, организираме и контролираме животот, на крајот мора да го прифатиме фактот дека немаме конечна контрола. Претставата ќе ја истражува тензијата помеѓу редот и нередот, помеѓу човечката потреба за структура и неминовната реалност на промените. Ликовите се борат со своите најдлабоки стравови – смртноста, тагата, напуштањето, но истовремено се соочуваат и со неочекуваната убавина на блискоста и хуморот како една алатка за ослободување. Тие учат дека чистотата не е само прашање на среден дом, туку на прифаќање на животот таков каков што е: несовршен, неуреден, но исполнет со љубов и непланирани моменти – вели режисерката Тамара Стојаноска.