РЕЦЕНЗИЈА: „Криг“ – За процепите што раѓаат цвеќиња

Монодрамата „Криг“ на актерот Здравко Стојмиров а во режија на Иванка Апостолова Баскар се изведе во рамки на овогодинешното 26-то издание на Интернационалниот фестивал на монодрама – Битола.

Кој последен ќе опстане, тој што умее да војува или оној што научил да љуби?

Експериментите биле виновни што за многу поими и појави денес имаме цврсти докази дека се така како што се. Експерименталната уметност е на голема цена, особено во деценија кога границите стануваат фиктивна теорија. Една таква монодрама, монодрама ослободена од маргините на строгата и конкретна дефиниција, вчера се одигра во новата сцена на Центарот за култура Битола, но не на сцената, туку проектирана на платно. Иако актерот беше присутен и на сцената и на платното, двојна експозиција без активно соучество во фактичкото време кое срочено вака звучи како физичка теорема, сепак дејството го водеше неговата проекција.

Krieg е германски збор за војната. Поминувајќи низ фазите на воени трауми до читање епитафи кои повторно се споменици на смртта но подигнати од љубовта, Здравко Стојмиров раскажа приказна која треба да одлежи, па да се продре во симболиката. Иако на прв поглед изведбата оди до екстреми: за некој ќе делува претерано, за друг премлако, сепак емоциите се тие што зборуваат погласно од бомбите и татнежите од кои, за среќа, беше лишена монодрамата.

Овој хибриден производ е богат со интертекстуалност, бидејќи имплементира предзнаења, распределени на циклуси, од позиционирање на кадар до поезија и уметност. Ја отсликува срцевината на човештвото– војната (смртта) и љубовта (раѓањето), плетенка од два краја што постојат од настанокот на светот. Продуцент и режисер е Ивана Апостолова Баскар.

А секое дело е цвет што се отвора и покажува дека во внатрешноста се крие љубовта како прашник.