Македонскиот павилјон вброен во најдобрите на Венециското биенале

Македонскиот павилјон во Венеција, со проектот „Страда бруталисима” се најде во изборот на 10 најдобри павилјони кои не смеете да ги пропуштите на овогодинешната 19. меѓународна изложба за архитектура на Венециското биенале. Изборот го направи реномираното италијанско списание „Артрибуне“ (artribune.com) кое важи за најголемата и најраспространета културна редакција во земјата (со 250 соработници ширум светот) и најследената алатка за информации, ажурирање и анализа во Италија за теми од уметноста, културата и сè што се врти околу нив. Освен онлајн верзијата излегува и бесплатното хартиено списание печатено во 55 илјади примероци и дистрибуирано низ цела Италија.

Македонскиот павилјон се најде во изборот заедно со павилјоните на: Полска, Мексико, Косово, Данска, Холандија, Јапонија, Унгарија, Кипар и Бахреин.

„Скопје, 1963: земјотрес со магнитуда од 6,1 степени одзема илјадници животи, предизвикувајќи голема штета. Процесот на реконструкција, од бруталистичко потекло, го менува лицето на главниот град, редизајнирајќи го неговиот идентитет и влијаејќи на следните генерации дизајнери во земјата. „Многу брутален“ и монохроматски, павилјонот е пресечен од еден вид „концептуален пат на знаење“, на кој десет избрани проекти се соочуваат еден со друг и „разменуваат“ информации.“ – се вели во критиката на проектот објавена од „Артрибуне“.

Проектот е на архитектите Благоја Бајковски, Ана Рафаиловска, Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски, под кураторство на Благоја Бајковски, чии комесари се Маја Неделкоска – Брзанова и Фросина Зафировска, организиран од Националната галерија на Македонија, прогласен е за еден од десетте најдобри павилјон

„Горди сме на уште едно одлично национално претставување на оваа престижна интернационална манифестација во организација на нашата институција!“ – велат од Национална галерија.