Наградата за музика на „Чернодрински“ ќе го носи името на Филип Стевановски

Наградата за музика која се доделува на претставите од официјалната селекција на МТФ „Војдан Чернодрински“ од ова издание на фестивалот ќе го носи името на музичарот Филип Стевановски, кој трагично загина во пожарот во Кочани.

По иницијатива на семејството на Стевановски, Собранието донесе одлука наградата за музика ќе ја именува според музичарот и тогаш актуелен директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.

„Иако неговиот мандат како директор беше краток, само два месеца, Филип со својата посветеност и професионализам остави значајна трага. Тој беше многу повеќе од директор – беше и продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, а неговиот талент беше вистинска инспирација за сите нас. Како наставник и ментор, неговото влијание ќе продолжи да живее во срцата на сите што имаа чест да учат и да работат со него“, напиша министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на својот фејсбук-профил.

За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.