Ново духовно-уметничко дело од Бигорски во чест на Распнатиот

Со благослов и по иницијатива на Епископот Антаниски г. Партениј, реализирано е уште едно прекрасно дело во кое се преплетуваат духовноста, уметноста и молитвата. Во чест на денешниот свет и потресен спомен на Страданијата и Распетието Господово – Светиот и Велики Петок – беше сотоворена автентична музичка изведба на величествената црковна стихира: „Денес виси на дрво…“, која во себе ги содржи тишината, болката и спасителната длабочина на Христовото страдање.

Оваа стихира, што Црквата ја пее со длабок трепет на овој ден, доби нова звучна облека, изведена со силно вдахновение и чувство, преку звуците на неколку древни и ориентални инструменти, во рацете на членовите од квартетот „Св. Јован Кукузел“: Петар Христов – цариградско кеменче; Лидија Христова – критска лира; Ирена Здравкова – цариградска лаутa; Александар Лозановски – цариградски уд. Музичкиот аранжман и изведба се дело на маестро Петар Христов, додека вокалната слаткогласна и вдахновена интерпретација, со длабока молитвеност и чувство, ја потпишува пејачката Ивона Јовановиќ. За снимањето се погрижи Горан Трајковски, кој на свој автентичен начин ја овековечи оваа трогателна изведба.

Ова дело не е само музика – тоа е воспев на љубовта најсвета, тивка молитва и сведоштво за непоимливата Божја жртва. Тоа таинствено нè води во внатрешноста, во молитвено созерацание и во благодарност за Крстот, кој стана мост кон Воскресението.

„Денес виси на дрво Оној Кој ја обеси земјата на водите…“