Фронтменот на „Хладно пиво“ уапсен за перење пари

Миле Кекин, поранешниот фронтмен на еден од најзначајните панк-рок бендови во регионот – „Хладно пиво“ е уапсен во опсежната операција на хрватски УСКОК (Ured za suzbijanje korupcije i organiziranog kriminaliteta).

Во утринските часови на 11 април 2025 година започна операцијата која се спроведува во Загреб и регионот на Истра поради сомневање за повеќе кривични дела злоупотреба на положбата, овластувањата и перење пари. Според достапните информации, Кекин е осомничен за неправилности при купувањето земјиште во Момјан, каде што тој и неговото семејство ја поседуваат вилата „Воларе е Кантаре“ со проценета вредност од околу 400.000 евра. Вилата се изнајмува на туристи, а приходите од изнајмување, според имотната картичка на Ивана Кекин, се зголемиле од 9.968 евра во 2023 година на 13.000 евра во 2024 година.

Во рамките на истата истрага, под истрага се и Јелена Пероса, поранешен раководител на Управното одделение за просторно планирање и управување со градскиот имот на Буја, нејзиниот сопруг Дамир и градоначалникот на Буја, Фабрицио Вижинтин. Постои сомнеж за градско посредување со земјиште и други злоупотреби.

УСКОК најави дека по распитот на осомничениот ќе донесе одлука за понатамошно постапување по случајот и навремено ќе ја информира јавноста.

Ова апсење доаѓа во чувствителен политички момент, со оглед на тоа што сопругата на Кекин, Ивана Кекин беше кандидат на неодамнешните претседателски избори во Хрватска. Развојот на настаните дополнително ќе се следи.

Основан во 1988 година па се до 2022 година кога Кекин го напушта бендот, речиси 35 години „Хладно пиво“ важеше за најистакнат хрватски претставник на панк рок естетиката. Особено популарни во 90-тите зад себе оставија 8 студиски и 4 live албуми со повеќе од 60.000 продадени носачи на звук, околу 900 одржани концерти секаде во регионот, но и европските земји.