Синоќа во Центар за култура – Битола се одржа првата кино проекција на документарниот филм „Градина“ во Битола, кој од денес до сабота е на репертоарот на 3D Кино – Битола. На вчерашната специјална проекција на македонскиот документарен филм гостуваа: режисерот Бојан Тантуровски, продуцентот Илија Тирицовски и кинематограферот Кирил Шентевски, со кои по проекцијата имаше дискусија за филмот.
„Градина“ е приказна за последните урбани герила градинари во Скопје, кои по триесет и пет години градинарење на ненаселено јавно земјиште во близина на реката Вардар се соочени со иселување. Како што се шири градот, тие се принудени да бараат друго земјиште.
Кинематограферот Шентевски на кого земјоделството му е хоби, градините ги забележал при неповрзано снимање на тој простор.

„Мене ме интересираше просторот неколку години пред започнување на филмот, архивски снимав низ Скопје урбанистички промени и така ги забележав овие градини. Во меѓувреме Градот Скопје распиша конкурс за општествена градина која што по некоја случајност се направи во непосредна близина до тие градини. Со Бојан се најдовме во вистинскиот момент иако ние сме колеги од студентските денови.“ – вели Шентевски.
Филмот е реализиран со финансиска поддршка од Агенција за филм на Северна Македонија и развиен со поддршка од MakeProDox, Beldocs, Evia Film Project и Thessaloniki Film Festival. Светска премиера ја имаше на BelDocs IDFF 2024 а минатата година беше дел и од Newcomers селекцијата на MakeDox.

„Се сеќавам беше Короната во 2020 година, ми се јави Кире со кој соработувавме години наназад. Ми рече дека има интересна приказна која сака да ми ја покаже. Со Бојан, со кого до тогаш не се познававме ми покажаа тизер кој го направија за таа пригода. Во тие две и пол минути сфатив дека има интересна приказна и се решивме да ја развиваме понатаму, да истражуваме и така овие прекрасни ликови не маѓепсаа. После тоа го аплициравме на следниот конкурс на Агенцијата за филм, добивме поддршка па продолживме да го аплицираме на сите индустриски настани од областа на документарниот филм во регионот. Бевме во Скопје на „Македокс“ и во Белград каде привлече големо внимание, иако бевме се уште во развој на приказната. Планот беше да го реализираме како краток филм до 30 минути, но многу луѓе со повеќе искуство од нас ни предложија да го истражуваме и работиме во уште подолга форма. И така стигнавме до ова.“ – вели продуцентот Тирицовски за настанокот на филмот.
Режисерот Тантуровски го потенцираше подлабоко значење за заедницата на овие градини кои се многу повеќе од физички простори за ликовите на филмот. А еден од ликовите починал кратко по уништувањето на неговата градина.
„Овие градини не беа само физичка работа и нешто што носи приход. Туку за овие луѓе тоа беше духовен живот кој им дава ментална поткрепа. Со таа постојана обврска да станат наутро и да одат во градините. Градините ги гледам како нивна животна сила, особено на луѓето кои живеат во станови. Замислете да го немаат тоа, има опасност да западнат во летаргија во тие години кога човек завршува со својот работен век.“ – објаснува Тантуровски.

„Еден од нашите ликови, Шемсо, за жал почина за време на процесот на подготовка на филмот. Нему премногу му значеше градината и беше прилично повреден кога му ја срушија градината а наскоро потоа и почина“. – додаде продуцентот Тирицовски.
„Градина“ е на репретоарот на 3D Кино – Битола, вечерва и утре (10 и 11 април) од 19.30 часот и во сабота (12 април) од 20.30 часот.