34-годишниот британски актер Арон Тејлор-Џонсон изминатиов период се споменува како потенцијален наследник на улогата на култниот таен агент Џејмс Бонд. Тој е познат по неколку свои улоги во филмовите од франшизата „Марвел“ а актуелен е и по филмот „Bullet Train“. За гласините дека токму тој е потенцијален Бонд, деновиве се огласија и двајца поранешни „Џејмс Бонд“ актери.
Пирс Броснан и Џорџ Лејзенби, ѕвездите на популарната франшиза „Џејмс Бонд“ ја поддржаа идејата Арон Тејлор-Џонсон да биде новиот Џејмс Бонд.
Еднократниот Џејмс Бонд, Џорџ Лејзенби кој во 1969 година го замени Шон Конери во „On Her Majesty’s Secret Service“, смета дека Тејлор Џонсон може да се справи со акробациите и сите дами кои сакаат маж во смокинг.
„Кога бев на аудиција за делот во 1960-тите, поминав низ еден куп различни тестови и аудиции пред да ја добијам улогата. Тој треба да биде верен на себе и повторно да ја измисли улогата за да му одговара“. – додава Лејзенби.
На прашањето за шпекулациите дека Арон Тејлор-Џонсон е во игра за новиот Бонд, свој коментар даде и Пирс Броснан кој немаше ништо друго освен пофалби за 34-годишниот актер.
„Мислам дека би бил многу добар. Му дадов улога во еден од филмовите што ги снимав одамна наречен „The Greatest“ и тој всушност го направи најдоброто“, изјави Броснан.
Во тој филм, Броснан и Сузан Сарандон ги глумат Ален и Грејс Бруер, чиј син Бенет (Арон Тејлор-Џонсон) умира во сообраќајна несреќа. Неколку месеци подоцна, на нивната врата пристигнува неговата девојка Роуз (Кери Малиган), која го очекува своето бебе.
„Тој млад човек дојде на снимањето и го презеде сетот, исполнувајќи го со страст и енергија. Значи, ако го сака тоа и ако ја добие улогата, ќе биде одличен“, рече Броснан.
Броснан го играше Џејмс Бонд во „GoldenEye“ (1995), „Tomorrow Never Dies“ (1997), „The World Is Not Enough“ (1999) и „Die Another Day“ (2002). Последниот актер во франшизата е Даниел Крејг кој последниот филм го сними во 2021 година.